Екологистите бараат градоначалникот да го повлече предлогот цинкара да се гради во Возарци – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/18 12:10 PM

Екологистите бараат градоначалникот да го повлече предлогот цинкара да се гради во Возарци

Не стивнуваат реакциите во Кавадарци по барањето на компанијата ИГМ трејд да отвори цинкара  во градот. Иако на седница на кавадаречкиот совет, по трет пат советниците негативно се изјаснија, сега екологистите реагираат на предлогот од градоначалникот Митко Јанчев, даден на седницата на која се расправаше по барањето за цинкара.

„Морам да потенцирам дека општина Кавадарци има една Г1 зона, тоа е Фени индустри која што е изградена уште во осумдесетите години и која што е изградена врз основа на физибилити стуѕдија, врз основа на правила, пресметки, каде треба да биде врз основа на ветрови и останати еколошки истражувања. Според мене и стручњаците дозвола за Г1 не се издава на дневна основа и врз основа на тоа што некој изградил капацитети за Г1.“ рече Јанчев. Токму оваа изјава е причина за реакција на екологистите.

„ И наместо да пушти инспекции, кривични пријави, да ангажира и фирма за рушење ако треба, штом толку објекти на компанијата се дивоградби, градоначалникот како да вели „ Немој цинкара во Кавадарци, оди на неколку километри од Кавадарци – во Возаречко, таму и така е се отидено !”. Наместо да се бори и грижи за поздрава животна средина во секое село, и секоја педа од Општината, градоначалникот само „поттурнува под тепих”. Крајно, доволна е одлуката за отфрлање, што има да „му се помага” на ваков „див” субјект кој ги прекршил (и ги крши) сите можни Законски норми. Го потсетуваме Градоначалникот, и оти Возарци даде клучна поддршката за негов избор, а во кампањата вакви предлози и идеи не спомена. Затоа, и повикуваме да го повлече овој предлог (или демантира како нешто на што воопшто сериозно се разговарало !). Во спротивно, ќе организираме масовна петиција и протести, пред Општинската зграда, а ќе преземеме и други активности за спречување да се реализира истиот“ стои во писменото обраќање од еколошкото друштво „Тисовец“ Возарци.

Од кабинетот на градоначалникот Јанчев велат дека градоначалникот со понудениот предлог само спомнал опција, бидејќи посочената локација е веќе оформена Г1 индустриска зона, но тоа и не значи дека инвеститорот ќе одлучи да гради таму.

Јанчев, даде целосна поддршка на одлуката на кавадаречкиот совет да не даде согласност цинкара да се отвори во Кавадарци.

Ангел Данов