Пожарникарите апелираат: Пред да запалете оган исчистете го оџакот – ММС
ММС

Објавено на: 11/12/18 10:08 AM

Пожарникарите апелираат: Пред да запалете оган исчистете го оџакот

Со стартот на грејната сезона започнува и опасноста од пожар во  домовите – алармираат од кавадаречката против пожарна единица и апелираат до сите граѓани на поголема одговорност. Главна причина за пожар, велат, се неисчистените оџаци.

Со цел да се избегнат пожари, деновиве кавадаречките пожарникари се на терен. Спроведуваат едукативна акција со граѓаните во секое маало.

„Во текот на зимата најмногу се палат становите и домовите поради неисчистените оџаци. Овие средби сакаме да ги искористиме за да ги информираме граѓаните на време, да се организираат  со куќните совети во зградите и  да ги исчистат оџаците. Односно,  да си повикаат стручно лице, кое ќе го исчисти оџакот,  бидејќи сами  да  ги палат оџаците не е препорачливо и може да направат поголема штета. Исто така ги информираме и за грејните тела и за  плинските уреди. Опфатен е целиот град по реони. Сметаме дека превентивата е најзначаен фактор како за нас како против пожарна единица, така и за граѓаните“ вели Бранко Тодоров – командир на смена во ТПЕ Кавадарци.

Пожарникарите апелираат исто така да  се направи проверка во поткровјето околу изведбата на оџаците и дали во нивна близина поминува дрвена греда, дали истите се добро малтерисани. Исто така нивниот совет е  лесно запалливите материјали да бидат отстранети од близина на оџакот.

„Станарите од станбените згради да ги  надминат недоразбирањата со соседите, да ги исчистат оџаците и сите дрвени плакари кои се до оџаците да бидат отстранети, бидејќи доколку се запали оџакот се ослободува температура над 1000 степени и лесно може да дојде до запалување на дрвените предмети во близина на оџакот“ укажуваат пожарникарите.

Од почетокот на годината до сега кавадаречката против пожарна единица интервенира во над 200 пожари, претежно на отворен простор, информира командирот Александар Чадамов и нагласува дека нивната единица опслужува втора по големина територија во земјава.

 

Ангел Данов