Директно во операциона сала во Клиничката болница во Штип е пренесен 15-годишниот ученик, кој на големиот одмор беше прегазен во близина на Средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Според последната информација, детето го оперира неврохируг, по тешките повреди на главата и по телото.
Тешко е да се дадат прогнози за исходот, информираа од болницата.
Како што веќе информиравме, претпладнето во 9 часот и 10 минути, за време на големиот одмор, на пешачкиот премин пред училиштето во групата деца кои оделе по храна, удрил возач со голема брзина.
СВР Штип соопшти дека возилото со марка „Фолксфаген поло“ управувано од 68-годишен возач од Штип, прегазил 15-годишен пешак. На лице место излегоа од полицијата и Основното јавно обвинителство. По ова надлежен јавен обвинител заминал во болницата во увид на состојбата на повреденото дете.
Според сведочењето на очевидците, ликот на прегазеното дете било непрепознатливо. Возачот од првата лента ги пропуштил децата, меѓутоа, веднаш потоа во нив удрило возилото од втората лента.
Ова не е прв ваков тежок инцидент кај училиштето, кое се наоѓа на влезниот булевар во Штип. Иако има ограничување на брзината на возење на 50 километри на час, таму неретко се поминува со двојно поголема брзина. До сега најмалку десетина деца се повредени од брзите возачи, најчесто на пешачкиот премин пред училиштето. Од училиштето одамна се бара некакво решение – лежечки полицаец, дополнителни сообраќајни знаци или поголемо присуство на полицијата за време на одморите. Меѓутоа, општината засега се оглушува на барањата. Претседател на Советот на Општина Штип е професор во ова училиште. На прашање какви се намерите на Општината за решавање на овој проблем, што безмалку чини човечки животи, одговорија дека најавената изградба на кружен тек пред училиштето, ќе го забави сообраќајот. Овој кружен тек е дел е поголемиот проект за изградба на обиколницата кај фабриката „Баргала“, кој повторно е врзан со поставување на мост.
Во меѓувреме, единствен аларм треба да биде денешниот инцидент и ништо повеќе.
Објавено на: 11/9/18 1:11 PM


