ММС, 09.11.2018
Вечерва во Штип ќе започне првиот меѓународен фестивал „Театар во куфер“, кој во иднина се планира да биде традиционален. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Европејци“ на „Драфт театарот“ од Тузла, Босна и Херцеговина. До 20 ноември, до кога ќе трае Фестивалот, ќе бидат одиграни уште пет претстави на театри и театарски групи од Скопје, Струмица, Битола, Штип, ќе има и една монодрама, едно поетско читање и еден научен симпозиум посветен на патувачкиот театар, на почетоците на театарскиот живот во Македонија.
– „Театар во куфер“ е нешто поинакво од сето она што се случува на мапата на театарски фестивали во Македонија. Претставите ќе го интимизираат гледачот со она што значи директен театарски израз. Годинава имаме само една претстава од странство, за следните години планираме да ги има повеќе со што Фестивалот ќе го оправда епитетот меѓународен – вели Трајче Кацаров, уметнички раководител на „Таатар во куфер“.
Фестивалот ќе се одржи во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“, а дел од настаните ќе бидат и во Домот на младите, кој е организатор на „Театар во куфер“.


