Дa се воздржиме од злоупотреба на историјата за политичко профитирање – порача премиерот Зоран Заев на вчерашното одбележување на 70 годишнината од основањето на Институтот за национална историја. Тој истакна дека Споделениот поглед на историјата може да ги мотивира луѓето да преземат акција за да се обезбеди иднината:
„Со други зборови, треба да остане отворена можноста историјата да се согледува не од статична, застарена позиција, која застапува само една и единствена историска вистина. Напротив, да им овозможи на различните погледи да стапат во дијалог со световите што некогаш постоеле и со кои се споделувало заедничко минато. Секогаш се покажува како контрапродуктивно кога се инсистира на ексклузивност. Особено на Балканот како точка на која се вкрстувале цивилизации и цивилизации. Тоа е уште еден аргумент против инсистирањето на ексклузивност по секоја цена и против тоа таквата исклучивост да се претвори во прашање – да се биде или не. Или на нешто со што треба да завладеат владејачките елити од било која епоха“.
„Секоја земја и секоја генерација треба да го знае и да биде свесна за сопственото минато, но тоа не треба да се прави со промовирање на митови или со користење на политички мотивирани толкувања на историјата за напад на другиот, или на противниците. Свежи се лекции и искуствата од современата историја што не подучуваат дека треба да се воздржиме од злоупотреба на историјата за политичко профитирање“, изјави Заев на вчерашниот меѓународен научен симпозиум на тема „Балканската историографија и современите предизвици“ кој се одржа во Клубот на пратеници. По повод седумдесетгодишнината, освен овој симпозиум Институтот за национална историја организираше и свечерна академија во МАНУ.


