Конференција на СЕММ во Битола: Интернет просторот е оној кој најмногу е загрозен за медиумските слободи – ММС
ММС

Објавено на: 11/6/18 3:00 PM

Конференција на СЕММ во Битола: Интернет просторот е оној кој најмногу е загрозен за медиумските слободи

Во време кога во целиот свет се актуелни дебатите за лажните вести и почитувањето на новинарските стандарди, време е што почесто да се организираат вакви дебати и во Македонија. Ова го истакна претседателот на Советот за етика на медиумите во Македонија, Катерина Синадиновска на конференцијата која се одржа во Битола на која се зборуваше за  „Слобода на изразување, медиумски слободи и саморегулација”. Советот за етика во последно време организираа вакви конференции почесто низ целата држава.

-За да ги запознаеме граѓаните со нашата работа, со саморегулацијата како процес и која е основната идеја на тоа новинарите и новинарската фела за да ја земат професијата во свои раце и да се наметне како основен регулатор и поставувач на правилата во новинарството. Тука  да ја исклучиме Владата, бизнис секторот, и да кажеме дека сами како новинари имаме сила да си ги почитуваме стандардите и да ги кренеме повисоко, истакна Синадиновска.

Синадиновска потенцираше дека до Комисијата за жалби пристигаат од 200 до 300 жалби годишно, а најмногу се однесуваат на интернет порталите.

-Интернет просторот е оној кој најмногу е загрозен за медиумските слободи. Но, на второ место се телевизиите и на трето место се весниците. Интернет просторот е проблем, не само во Македонија, туку е и светски феномен. Затоа ние како Совет за етика заедно со ЗНМ и СНММ имаме иницијатива каде што воведовме четири основни критериуми кои сите интернет портали треба да ги запазат доколку сакаат да бидат наши членки кои се неопходни за да бидат препознаени од граѓаните како сериозни медиуми. Тоа се оние базични критериуми: да се има позната сопственост, импресум, адреса, да може да се препознае кој стои зад тој медиум, да се почитува кодексот на новинарите и да се почитува културниот говор и да не се прекршуваат стандардите кои не се наметнати. Ќе видиме како ќе се развие и колку од интернет порталите кои гледаме дека никнуваат преку ноќ, ќе ги почитуваат овие стандарди, истакна Синадиновска.

Дел од конференцијата беше и генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерес кој истакна дека генерално во Европа во моментот има опаѓање на новинарството како професија во глобала. Според него во Македонија е најважно да се обезбеди независноста на медиумите.

-Ова е моја четврта посета во Македонија и кога и да дојдам јас сум секогаш импресиониран од силата на новинарите во Македонија. Среќен сум што вие може да се ослоните на силни новинарски организации во земјата. Една од работите на кои треба да работиме е да се зајакне саморегулацијата. Знам дека во моментов законот за медиуми е во процедура на изменување и мислам дека тука е најважно да се обезбеди независноста на медиумите, на самата професија. Слободата на медиумите и работните услови на самите новинари треба да се подобрат и според мене треба на тоа да се работи. Затоа е  многу важно да се соработува и да се потпирате на силни медиумски организации и здруженија со цел да се подобрат работите од правна страна, истакна Гутиерес.

На настанот беше промовиран и конкурсот на ЕУ за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата “Градење доверба во несигурни времиња“.

Маја Богоевска