За еден ден полицијата има регистрирано три физички напади на полошкото подрачје – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/18 2:37 PM

За еден ден полицијата има регистрирано три физички напади на полошкото подрачје

За еден ден полицијата има регистрирано три физички напади на полошкото подрачје во кој се користело и остри предмети. Полицискиот билтен бележи и сообраќајка во која една жена се здобила со тешки телесни повреди.

Шеснаесетгодишник од гостиварското село Чегране, вчеравечер во салон за забавни игри во Чегране, најпрво физички се пресметувал со 17-годишник од истото село и негов роднина, а потоа од панталоните извадил нож и му нанесол убодна рана во левата нога.

Извршен е увид, обезбеден е 16-годишникот, пронајден и одземен е ножот за вештачење  и се работи на целосно расчистување на случајот.Истиот ден 34-годишниот тетовец вработен во спортска обложувалница лоцирана на крстосницата на улиците „ЈНА” и „Јане Сандански” во Тетово, физички бил нападнат од две лица, од кои едното го знаел, кои во меѓувреме оштетиле и еден телевозор во објектот, по што набрзина го напуштиле местото.

Осумнаесетгодишниот Д.Ј. од тетовското село Челопек, вчера ( 4 ноември )  пријавил дека околу 1 часот на улица „Јордан Златановски” во Тетово, каде што претходно го паркирал своето возило и отишол да го земе, физички бил нападнат од две непознати лица.

Се превземаат мерки и активности за расчистување на сите три случаи

На локалниот пат Тетово-Требош се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила: „Опел вектра” со тетовски регистерски таблици, што без дозвола го управувал 22 годишник од Требош и „Форд мондео” со српски таблици, управувано од 28-годишна  српска државјанка од Ваљево.

По несреќата, сопатничката од „Вектрата”  од Требош со задобиени повреди пренесена е во тетовската клиничка болница. Извршен е увид и се утврдува причината за несреќата, околностите во кои се случила и се друго.

Зоран Димовски