Недела исполнета со бројни настани од културата во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/18 11:30 AM

Недела исполнета со бројни настани од културата во Кавадарци

Продолжува кавадаречката културна есен со бројни настани од културата. И за оваа недела љубителите на културните случувања имаат богата понуда.

Денеска од 19 часот во Галеријата при Домот ќе биде отворена изложба на уметнички фотографии насловена како “Припитомување на крикот“ на Љупчо Илиевски. Станува збор за фотографии направени за време на одржувањето на театарскиот фестивал МОТ во Скопје. Утре пак  со почеток од 19.30 часот, исто во Галеријата при Домот ќе се одржи целовечерен концерт на акустични гитари на групата “Квинс“ од Виница.

„Улогата на меѓународната дипломатија во разрешувањето на вооружениот конфликт од 2001 година во Република Македонија“ е насловот на книгата на Благица Кицева која ќе се промовира во среда од 12 часот. Вечерта пак, од 20 часот на репертоарот е хит претставата  “Пасивно пушење“ на кавадаречкиот театар.

Од домот на културата информираат дека актерите од  претставата “Пасивно пушење“во петок и сабота, гостуваат во Србија.  Ќе ја одиграат претставата  на отворањето на Меѓународниот театарски фестивал “Repasagge” во градот Уб, додека на 10 ноември гостуваат на сцената на Центарот за култура во градот Ковин. Претставата “Пасивно пушење“ е по текст на Небојша Ромчевиќ (Србија), а е во адаптација и режија на Јордан Витанов.

 

Ангел Данов