Се одржа 26-то издание на Интернационалниот фестивал на аматерски филмови „Камера 300“ Битола – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/18 9:20 AM

Се одржа 26-то издание на Интернационалниот фестивал на аматерски филмови „Камера 300“ Битола

Оваа година Интернационалниот фестивал на аматерски филмови „Камера 300“ Битола го одбележаа македонските филмови. Токму еден од македонските филмови ја доби и Гран-при наградата „Плакета Милтон Манаки” која се доделува на фестивалот, тоа е филмот „Клучарот Цако“ на Љупчо Ристески од Прилеп.

-Имав голема желба да направам документарен филм. Иако се почна набрзина, седнав и го направив. Мислев дека ќе биде добар и го пуштив на натпревар. Да им се заблагодарам на моите ментори кои ми помогнаа да го сработам. Темата е клучарот Цако, стар клучар кој е при крај со кариерата и го предава занаетот на својот внук, истакна Љупчо Ристески, добитникот на Гран-при наградата на свеченото отворање на фестивалот „Камера 300“.

Организаторите се задоволни годинешното издание на фестивалот, кое оваа година се одржа по 26-ти пат во рамки на празничната програма за Денот на ослободувањето на Битола – 4 Ноември. ФАДФ „Камера 300“ се одржува во организација на Кино клубот „Студио Милтон Манаки“ и Народна техника Битола со поддршка на Министерството за култура, односно Агенцијата за филм  на Република Македонија и Општина Битола.

-Оваа година на фестивалот пристигнаа 53 филмови, од кои за прв пат после 10 години, 32 филмови беа од Македонија, а останатите од осум држави од Европа и светот. Тоа е така заради тоа што оваа година активно работат неколку кино клубови во Македонија, особено сакам да го истакнам Кино клубот од Прилеп, Кино клубот од Битола каде работи филмска школа и кино клубот од Куманово и неколку самостојни автори во Охрид, Струга и Скопје Имаше многу филмови од Македонија, а жирито донесе одлука да се донесат и уште 5 специјални награди. Оваа година фестивалот го организираме во чест на јубилејот 120 години од ателјето на Манаки и во пресрет на 4-ти ноември, Денот на ослободувањето на Битола, истакна Стојан Стојановски, претседател на Народна техника Битола.

Фестивалското жири во состав: мајсторот на аматерскиот филм Љупчо Петровски, доц.д-р Антон Антонов од Бугарија, проф.д-р Мишо Нетков од Македонија, Владимир Ангелковиќ од Белград и битолчанецот м-р Димитар Спасески ги прегледаа сите 53 филмови и ја донесоа одлуката за наградите согласно правилникот на фестивалот.

– Јас по трет пат сум член на ова многу интересно и доста етаблирано меѓународно жири. Од 53 филмови, многу од овие филмови се професионални, а од година во година се подобар квалитет се добива. Оние две години наназад, беше послабо, но сега е подобро. Овој фестивал треба уште повеќе да се закрепне, да најде свои приврзаници меѓу македонската младина, но и финансиски. Ова е град на културата и оваа манифестација треба повеќе да се етаблира. Сите што добија награди, ги добија заслужено, македонските беа подобри од странските, тоа значи дека македонските автори одат многу напред, истакна Мишо Нетков, член на жирито.

Наградата “Златна камера 300“  ја добија авторите од Србија Драго Латиновиќ и Илија Галоња за филмот “Зоб“. “Сребрената камера 300“ ја доби битолчанката Ема Лазарова за филмот “Никогаш повеќе“ посветен на депортацијата на битолските Евреи, додека “Бронзена камера 300“ доби “Без смисла“ на Ролф Мандолези од Италија.

Златен медал на УНИКА доби филмот “Мојот живот“ на авторот Игор Стојчевски, а плакета за најдобра камера што ја доделува Општина Битола доби битолчанецот, Диме Талевски за аматерскиот документарен филм “Москополе денес“. Плакетата за режија  “Драги Савевски“  ја доби Радован Челиќ од Србија за филмот “Банатски блуз“, плакета за монтажа доби охриѓанецот Тоде Љушев за филмот “Держава Вевчани Карневал’’.

Плакета за идеја доби стружанецот Петар Узунов за филмот “Жртви на технологијата“, плакета за репортажа доби Анета Горѓиевска за филмот “Камените кули раскажуваат“.

Посебна плакета му беше доделена и на кино-клубот од Прилеп кој имаше најмногу автори на фестивалот на конкурсот за оваа година.

Маја Богоевска