Жителите на Општина Аеродром преку социјалните мрежи повторно повикуваат на нов протест пред „Мајчин дом“ против рестартирањето на изградба на деветкатницата. Протестот е најавен за во 18 часот.
„Да излеземе и да го искажеме повторно нашиот став во 18 часот кај црквичката кај поставената ограда на градилиштето. Оваа зграда не смее да се гради, Општината нека му ја надомести штетата на инвеститорот. Да не им дозволиме на властите да се богатат на сметка на нашето здравје и на сметка на здравјето на идните генерации“, повикуваат жителите на Аеродром.
Инвеститорот на зградата, Фатмир Етеми за медиумите изјавил дека продолжил со градба и дека немало проблеми ниту протести од граѓаните при повторно влегување во градилиштето.
Токму поради протестите на граѓаните пред три недели беше сопрена изградбата на зградата и Општината најави дека ќе бара начин за обесштетување. По одлуката на Уставниот суд во средата дека планот е законски донесен, Општина Аеродром извести дека се исцрпени сите можности за обесштетување на инвеститорот.


