Кавадарци ја комплетира против пожарната заштита – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/18 12:08 PM

Кавадарци ја комплетира против пожарната заштита

За прв пат по 40 години кавадаречката територијална против пожарна единица е комплетна за делување. Сега брои 26 пожарникари,  за разлика од пред само една година, кога поради пензионирање, останаа само десетина и беше проблем дејствувањето при поголеми пожари.

Проблем за единицата беше и опремата со која располагаше. Неодамна беа набавени две нови возила, а деновиве кавадаречка фирма донираше опрема вредна околу 20 илјади евра. Станува збор за сертифицирана униформа за пожарникарите,  која ги штити од оган и високи температури.

Првиот човек на Кавадарци е задоволен од модернизацијата на противпожарната единица.

„Во последните 40 години ова е за прв пат да имаме комплетна противпожарна заштита со целокупен број на вработени и опрема. Во моментов се реализираат градежни активности за реконструкција на зградата на кавадаречката против пожарна единица, а се градат и нови гаражи за возилата“ рече градоначалникот, Митко Јанчев.

Од локалната самоуправа нагласуваат дека со реновирањето ќе се подобрат условите за работа на пожарникарите.

Согласно проектот, со реновирање се опфатени  7 простории од кои три се наоѓаат на приземјето и 4 на првиот кат, со вкупна површина од 200м2.

Командирот на единицата, Александар Чадамов, очекува сите градежни работи да финишираат до крај на месецот.

 

Ангел Данов