Османи во посета на Атина: Дома се враќа со првиот лет од атинскиот до скопскиот аеродром – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/18 8:34 AM

Османи во посета на Атина: Дома се враќа со првиот лет од атинскиот до скопскиот аеродром

Вицепремиерот, Бујар Османи денеска во Атина ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Јоргос Катругалос, по што во Скопје ќе се врати со првиот лет од грчката до македонската престолнина, воспоставен по пауза од над 10 години.

Агенцијата МИА објави дека тие ќе се сретнат во 16 часот по локално време, а разговорот ќе се фокусира на темите од билатерален, регионален и европски интерес.

Во однос на средбата во Атина, вицепремиерот Османи, вчера рече дека со Катругаос ќе разговараат за сериозната поддршка на Грција, но и за општиот политички контекст и во двете земји:

„Турбулентни се работите и овде и во Грција, но сметам дека потврдувањето на Преспанскиот договор овде во Македонија веќе има нормален тек, дури и поширока поддршка, но и во Грција воопшто не е загрозен тој процес и покрај различните дневно- политички турбуленции. Се надевам дека утре уште еднаш ќе си размениме добри вести дека овој пат е неповратен и дека Република Македонија и Република Грција остануваат стратешки партнери, рече Османи на вчерашната прес-конференција во Владата“.

По разговорите и изјавите за медиумите, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос ќе го испрати симболично Османи на атинскиот аеродром, на првиот лет по пауза од над 10 години од Атина за Скопје, во кој ќе биде и дописничката на МИА од Атина.

Летот е во 18.40 часот по локално време, а во Скопје пристигнува по 1 час и 15 минути, односно во 18.55 часот по македонско време.