Општините се вклучуваат во борбата против екстремизмот (Видео) – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/18 6:33 PM

Општините се вклучуваат во борбата против екстремизмот (Видео)

Таканаречени Акциски тимови во општините Чаир, Гостивар и Кичево ќе превенираат и интервенираат во случаи на рана радикализација и вклучување во насилно екстремистички групи. Ова го предвидува проектот насловен „Јакнење на отпорноста од насилен екстремизам на локалните заедници во Македонија“, кој го спроведуваат граѓанската иницијатива „Центар за заедничка основа“, амбасадите на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, на Кралството Холандија и градоначалниците на трите општини.

Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Борче Петревски порачува дека насилниот екстремизам не познава политички граници и затоа е исклучително важно локалните заедници во целиот регион да бидат поотпорни за да може ефективно да се спротивстават на негативните ефекти од него.

Тој додаде дека во овие тимови ќе бидат вклучени: психолози, социјални работници, наставен кадар, локални и верски лидери, претставници на младински организации и други. Истовремено, Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, информираше дека во тек се активности, Проектот кој моментално опфаќа три општини да се прошири и во останатите локални заедници.

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј ја истакна важноста на  развивање партнерство и работењето заедно помеѓу локалните заедници, централната власт, граѓанскиот сектор, полицијата, религиските лидери, бизнисмените, семејствата.

„Имаме заедничка одговорност да создаваме посилни заедници. Ова и како порака јасно потекнува од новата Национална стратегија за спречување на тероризмот и превенција на насилниот екстремизам во Македонија, што беше донесена годинава. Нам ни причинува задоволство што Обединетото Кралство е партнер на Македонија во зајакнувањето на капацитетите во оваа област“, потенцираше амбасадорката Галовеј.

Заменик-амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Андри ван Менс рече дека спречувањето и борбата против насилниот екстремизам бара време и големи напори.

„Ова не е брз процес. Резултатите може да се постигнат само преку сеопфатен, мултидисциплинарен и интегриран пристап на целото општество на сите нивоа, општински, национални, европски и меѓународни. Меморандумот за разбирање меѓу Националниот комитет и општините Чаир, Гостивар и Кичево е важна пресвртница“, истакна холандскиот заменик-амбасадор.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу поздравувајќи ја иницијативата истакна дека е исклучително важно што вниманието е свртено кон локалните заедници, кои се и најранливи точки и подвлече дека со поголема информираност и поголема подготвеност на сите надлежни и таргетирани институции и групи е можно ризикот да се сведе на минимум.

„Во услови на глобални процеси и движења, ниту една земја не е заштитена од продорот на тероризмот на своето тло. Особено земјите како нашата, кои што се поранливи заради мултиетничноста од една страна, како и поради опасноста од маргинализација и нерешени егзистенцијални прашања на одредени категории граѓани од друга страна“, подвлече министерот Фазлиу.