До петок треба да биде изготвена нацрт верзијата од уставните амандмани, во кои се вклучени најголем дел од предлозите на осуммината пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои гласаа за почеток на уставните измени. Ова е епилогот од денешната средба во Собранието на премиерот, Зоран Заев со новоформираната независна пратеничка група. Тој посочи дека во духот на Договорот ќе ја консултираат и грчката Влада откако амандманите ќе бидат готови.
„Разговаравме за првите точки од вкупно четири. Можам да констатирам дека во тој дел изнајдовме конкретни насоки во делот на зајакнување на македонскиот идентитет и гаранцијарта дека процесот нема да биде блокиран од Грција и во делот на внатрешната примена. Насоките ги добивме, сега ќе работиме и пред да ги официјализираме во парламентот уште еднаш ќе ги предочиме на новата парламентарна група и очекуваме дека до крајот на неделава ќе ги формализираме и доставиме во парламентот“.
Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ кој е дел од новата група во Парламентот потврди дека поголемиот дел од нивните предлози биле прифатливи за Владата и се договориле веднаш откако ќе бидат изготвени нацрт уставните амандмани да им бидат доставени до пратеничката група за да ги разгледаат и да донесат одлука.
Рамчиловиќ најави и дека деновиве ќе поднесат иницијатива за формирање на Телото за помирување, бидејќи како што рече тој, тоа е добар начин за надминување на поделбите.
Во однос на Предлог законот за амнестија кој денеска го поднесе ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот кажа дека се уште го немаат видено, додавајќи дека секој предлог кој придонесува за надминување на целокупната ситуација, треба да се разгледа. Премиерот Заев пак, е дециден дека амнестијата е апсолутно неприфатлива.


