Со довикувања и обвинувања за катастрофално водење на економската политика во земјава, денеска почна собраниската расправа за ребалансот на буџетот. Предложениот ребаланс обезбедува дополнителна поддршка на општините, па со цел нивно раздолжување ќе се кратат парите кои беа планирани за гасоводот на Водно, изградбата на Клинички и за други големи капитални проекти.
Деталите од собраниската говорница ги образложи министерот за финансии, Драган Тевдовски кој смета дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.
„Како приоритет е проблем што е горлив во многу општини, што имаат блокирани сметки, големи натрупани нереализирани обврски. Исто така, во добар дел од општините училиштата кубурат, мака мачат како да најдат да платат струја, да ги платат обврските за да можат да функционираат и затоа имаме решение со кое државата нема да ја задолжуваме, нема да земеме дополнителен кредит, туку со остварениот фискален простор ќе направиме решение со кое што ќе им помогнеме, но паралелно поставуваме механизам за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на ЕЛС“, рече министерот.
Сепак, опозицијата не мисли така. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ребалансот е нереален. Пратеникот Драган Цуклев посочи дека решението за поддршка на општините ги става во нерамноправна положба општините:
„Ребалансот ви е нереален, ниту ќе ги постигнете предвидените стапки на економски раст иако намалени затоа што прогнозите на ММФ ова не го кажува опозицијата и на ММФ се далеку пониски од вашите. Ниту ќе ги остварите планираните буџетски приходи, ниту ќе ги реализирате капиталните инвестици иако се намалени за 100 милиони евра, од 400 на 300 милиони евра, рече Цуклев кој додаде дека катастрофалното ниво на реализација на капиталните инвестиции е доказ дека Владата нема капацитет за водење на институциите.
Собраниската расправа за ребалансот на буџетот, според роковникот може да трае десет дена. Досега за предложеното решение се поднесени 187 амандмани , од кои 179 ги поднесоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.


