Во запалениот автобус, кој изутрината превезувал припадници на АРМ, не е повреден ниту еден припадник на Армијата. Фирмата што го врши превозот за кратко време испратила друг автобус и сите патници пристигнале со мало задоцнување на своите работни места и веќе нормално си ги извршуваат задачите.
Автобусот, како што претходно објави МИА, се движел на релацијата Пробиштип – Касарна „Илинден“.
Министерството за одбрана, како што се наведува во соопштението, жали за случајот со запалениот автобус што изутрината до нивните работни места во Скопје превезувал припадници на АРМ од Пробиштип, Кратово и Куманово.
-Од досега утврдените факти соопштуваме дека инцидентот се случил околу 6:10 часот изутрина, на излезот од Пробиштип. Веднаш штом е почувствуван чадот, припадниците на АРМ од страна на одговорното лице биле повикани да го напуштат автобусот и го напуштиле. Во автобусот останале само два војнички ранци. Според првичните сознанија, автобусот бил носен на сервис во текот на викендот. Согласно договорот, ги исполнувал условите што се побарани во тендерската документација, има потврда за исполнување посебни техничко-експлоатациони услови издадена на 1 февруари 2018 со важност до 1 февруари 2020 година, бил од марката „марбус“, производство 2007 година и го исполнува стандардот Еуро 4, нагласува МО во соопштението.
Припадници и стручни лица на Воената полиција веднаш излегле на терен за да ги утврдат околностите под кои се случил настанот.
МО од фирмата што го обезбедува превозот очекува да биде извршена анализа на случајот со цел да не се повтори.
Извор:МИА


