Победата над Македонија Грците ја слават како најголем успех во историјата на нивната реперзентација – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/18 9:13 AM

Победата над Македонија Грците ја слават како најголем успех во историјата на нивната реперзентација

ММС, 29.10.2018

„Срамен пораз на ракометарите“, „Македонија доби шлаканица од аутсајдерот Грција“, „Македонските `ѕвезди` потемнеа во Грција“, „Наместо гордост, срам и горчина“, „Во Кожани Македонија ја наведна главата“, „Срам на векот“, „Грците славеа како да победиле на Светско првенство, ама заслужија“…

Ова се само дел од насловите во македонските медиуми по вчерашниот неочекуван пораз од 28-26 на нашата ракометна репрезентација од на хартија аутсајдерот Грција во рамките на квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Шансите за наш пласман на ЕП и понатаму се големи, но играта, и со Грција во Кожани и претходно со победата над Турција во Битола, е разочарувачка, иако Македонија по два-три месеци ќе настапи на Светското првенство во Германија, а таму желбата беше и да се избори место за Олимпијада, како круна на оваа генерација ракометари.

– Тоа што го кажав по натпреварот во Битола ни’ се повтори. Ова е срамен пораз, шлаканица за сите нас. Квалификациите не се завршени, се’ уште можеме да обезбедиме пласман на ЕП, но мора да го промениме пристапот на следните натпревари – рече по натпреварот капитенот Кирил Лазаров.

И селекторот Раул Гонзалес вели дека играта била катастрофална и со Грција и со Турција.

– Заслужено загубивме во Кожани, а сите мислеа само со колку разлика ќе победиме. За три месеци следува Светското првенство. Има простор да се поправиме во играта – смета Гонзалес.

Вчерашниот триумф Грците го сметаат за најголем успех во историјата на грчката ракометна реперезентација. „Репрезентацијата забележа голема победа, најголема во нејзината историја. Нашите репрезентативци со многу страст и желба одиграа фантастично во второто полувреме, победувајќи една од најдобрите селекции на светската ракометна сцена“, стои во извештајот на Грчката ракометна федерација.

Инаку, мечот помина во мирна атмосфера. За да нема никакви проблеми, на дресовите на двете екипи не пишуваше „Македонија“ или „Хелас“. Воочливо и интересно за нас беше што на почетокот на директниот пренос, кој го реализиаше грчкиот национален сервис ЕРТ, во графиката пишуваше ГРЕ-МКД, бидејќи кодот МКД веројатно првпат се појави на грчка телевизија на спортски натпревар, што веројатно го навлекло гневот на тамошната јавнсост, па „грешката“ брзо беше исправена. Во синоќешното соопштение ЕРТ објасила дека продукцијата на графиката од мечот не била правена од ЕРТ, туку од надворешна компанја, која го ставила кодот МКД, код што за нашата репрезентација го употребува Европската ракометна федерација. Кодот МКД нешто подоцна во текот на преносот беше променет во ФИР, како скратеница од ФИРОМ.