Мијалков со отворено писмо до Мицкоски: Одите по погрешен пат – ММС
ММС

Објавено на: 10/28/18 3:05 PM

Мијалков со отворено писмо до Мицкоски: Одите по погрешен пат

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков попладнево со отворено писмо се обрати до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Знаејќи дека е невистина обвинувањето заради кое сум исклучен од партијата, одлучив да оставам да поминат неколку дена за сите членови да видат дека раководството нема да извади и да презентира ниту еден, повторувам НИТУ ЕДЕН доказ против мене. Лагите кои ми беа накалемени, беа фабрикувани заради личен интерес. Некој кому не му оди прифаќањето од јавноста, градеше сопствен рејтинг врз мојот „грб“, на сметка на мојата чест, углед и достоинство – вели Мијалков денеска во писмото.

Затоа сега уште еднаш со индигнација ги отфрлам лажните обвинувања фрлени врз мене од луѓето кои до вчера се потпираа на мојот труд, резултати и авторитет.

Oткако поминаа неколку дена без да биде презентиран барем еден доказ пред членството и јавноста за тврдењата против мене, јавно те повикувам за обвинувањата заради кои бев формално  исклучен од партијата, да презентираш докази пред органите на партијата и јавноста.

Наместо кукавички да се подметнуваат лажни обвинувања, покажи ги Христијане доказите дека јас некого со сила сум го терал нешто да прави или сум се обидувал да го поткупам. Ајде!!!

Во спротивно  вештачкото и со лажни аргументи создавање еуфорија против мене, презентирано како „Панорама 2“ нема никако поинаку да се разбере отколку како обично, подмолно, егоистично барање виновник и алиби за серија твои грешки и на раководството на партијата. Сами измисливте „Панорама 2“. Без противник. Се боревте против дух, бидејки немаше противник, а противник немаше бидејки таков не постоеше. Самите го лажевте членството преку соcијалните мрежи и медиумите блиски до партијата, дека јас сум подготвувал некаков пуч, дека ќе следело „Панорама 2“, и дека или вие или јас ќе сум победел. На почетокот мислев дека сето тоа е некаква шега, но сега гледам дека некои болни умови смислиле план што не би го смислило ни дете од 10 години.

Ако ти и неколкумина твои соработници мислите дека со мое исклучување и јавно оцрнување ќе добиете доверба на граѓаните, сакам исто така јавно да ти кажам дека сте на погрешен пат, како што сте на погрешен пат со многу други политички одлуки и чекори, за кои и самите сте свесни, нешто што го знам од личната комуникација со повеќемина од раководството.

За жал, времето ќе го докаже тоа – додава тој.

Тој што ви кажал дека со вештачко правење на т.н. „Панорама 2“ , со лажни аргументи, со невешто смислено „филмско сценарио“ за наводен план за пуч и наводно пресретнување на пучот, прикажувајки некаква измислена победа против измислен противник, креаторот на овој „бурлески план“ мора да е сериозно залутан во политиката.

Без елементарни докази, верувајки дека така ќе се повтори успехот од 2006-тата, креаторот на овој филм заборавил да ви каже дека за тоа, пред се треба да имате чесен однос меѓу самите себе во раководството на партијата , наместо еден со друг да си се лажете, да си се оговарате, да си правите интриги и да сте неискрени. Потоа потребен е чесен однос кон членството кое го заслужува тоа, и секако чесен однос кон македонскиот народ и граѓаните на Македонија, наместо дволични игри, кои народот ги чуствува и препознава.

Затоа Христијане те повикувам да одговориш на неколку прашања:

Зошто ако сакаше да го одбраниш името, не застана цврсто зад таа кауза, со масовно и секојдневно организирање мирни протести на кои ќе ги поведеше илјадниците мотивирани граѓани и членови на партијата?

Приказната дека некој ќе ги злоупотребел протестите за да те намести и да се повтори „27ми април“ ептен не држи. Тоа е кукавичка приказна на луѓе кои се плашат да се соочат со сопствените вредности и сопствената поддршка.

По таа теорија ВМРО не треба веќе никогаш кога е во опозиција да организира протести. Ако некој мисли дека има смисла оваа теорија, нека се запраша зошто митингот од 2-ри јуни или неколкуте т.н маршови во различни градови низ Македонија не се претворија во 27-ми април?

Пред јас да почнам да говорам, те повикувам да одговориш, кому  ти како претседател на партијата му се додворуваше, и кому му имаше ветено дека масовни и секојдневни протести за името нема да има и дека ВМРО нема да го блокира процесот за решавање на името, туку само ќе изразува несогласувањe?

Кога сите знаевме дека убедливо поголем дел од граѓаните на Македонија се против договорот со Грција, зошто oткако се потпиша договорот, не го повика народот на одлучно гласање „против“ и со тоа да се оствари силна победа над оние што беа „за“? Со таква победа на народот, ќе се оневозможеше и ќе станеше безсмислен понатамошниот притисок врз пратениците на ВМРО, кој притисок беше предвидлив и ти знаеше дека ќе се случи. Со таква блескава и чиста победа на „против“ над „за“ не СДСМ, туку ВМРО ќе беше во ситуација да бара нови избори наместо да бара виновници за неуспесите и грешките на претседателот на партијата.

Ако ти веруваше во тоа, односно знаеше како што тврдиш дека власта ги апси луѓето со политички монтирани обвиненија за 27ми април и за случаи конструирани од СЈО, со крајна цел да ги уцени пратениците и нивните семејства за двотретинско мнозинство, зошто барем еднаш јавно не побара од претседателот Иванов да ги заштити за да не се предмет на уцена ? Со тоа ќе се овозможеше заштитените пратеници да го одбранат името во парламентот. Наместо тоа им кажуваше на пратениците и другите под политички прогон дека кога ќе дојде ВМРО на власт тогаш ќе им помогне. Без трошка совест, твоите луѓе од врвот на партијата сите нив ги нарекуваа „инфицираните“.

Зошто раководството медиумски бегаше од темата „политички прогон“ се до неодамна кога и некои членови на актуелното раководство се нападнати со прогонот? Дали се калкулираше со предвидливоста на настаните кои доаѓаа?

Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот Талир, поврзан со финасирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата?

Дали ти не се испазари за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име?

Зошто веднаш по твојот избор за нов претседател запреа секојдневните протести пред министерството за правда пред затворот Скопје каде беа прiтворени десетици лица со фабрикувано обвинение за тероризам? Зошто? И зошто потоа со месеци не ја отвораа таа тема во јавноста?

Зошто цели 3 месеци по објавувањето и потпишувањето на договорот со Грција, ти немаше никаков став како ќе се постапи на референдумот, и остави огромен простор други помали партии, групи, поединци и којзнае чии скриени експоненти да го водат членството во бојкот, а однапред СДСМ кажа дека по истиот одлуката ќе ја пренесе на решавање кај пратениците? Еден прилично предвидлив процес.

Дали ти интимно посакуваше да се смени името, а притоа вината да се фрли врз прогонетите пратеници а потоа да излезеш „чист“ од целата ситуација, среќен дека друг ти го решил и тргнал проблемот со името и си ја понел вината со себе?

Дали сакаше да дојдеш на власт со веќе решено име, а виновници за тоа да се СДСМ и неколку политички прогонети пратеници на ВМРО, а ти да си „патриотот“? Дали за ова отворено со недели не зборувавте низ канцелариите во ВМРО?

Дали ти играше крајно валкано и нечесно со чувствата на нашето членство, чуствата на македонскиот народ и со судбините на жртвите од СЈО и 27ми?

Зошто Христијане во партијата на меѓусебни средби поврзани со решавањето на името говореше едно, а во јавноста друго, се до неодамна, кога пред повеќе недели нагло ја прекина комуникацијата со мене и по трет пат заради лични интереси го смени курсот во многу полоша насока за државата ? За личните мотиви за оваа промена на курсот и катастрофалните последици по Македонија и ВМРО ќе зборуваме дополнително.

Дали е во ред, некои свои соработници пред неколку недели да ги охрабруваш да убедат 8 пратеници да гласаат „за“ со цел да се решело прашањето ама ти да не си бил крив, а плус да глумиш храбар лидер кој бара предвремени избори фалејки се со сомнителни анкети кои ги добиваш од агенција од друга држава – прашува Мијалков во писмото упатено до Мицкоски.