Демократска обнова на Македонија (ДОМ) денеска го одржува четвртиот партиски конгрес под мотото „Зелени вредности – наша трајна визија”, на кој единствен кандидат за претседател е Маја Морачанин, оттако досегашната претседателка Лиле Поповска, која во три мандати ја водеше партијата, одлучи да се повлече.
Поповска пред почетокот на конгресот изјави дека со мирна душа ја остава партијата на следните генерации кои, како што рече, имаат капацитет да продолжат со ист ентузијазам како и досега. Таа вели дека не е уморна од политиката и водењето на партијата, туку оти три мандати на нејзино чело се сосема доволни:
„Во политика не се влегува ни за да ти биде убаво, ниту си одиш ако си уморен. Во политиката влегуваш и остануваш затоа што имаш внатрешен порив да завршиш нешто, да направиш нешто добро за земјата, но, трет мандат е доволно. Јас ќе се повлечев и минатиот мандат, така и разговаравме, но тоа беа многу турбулентни времиња, беше започната политичката криза, а ДОМ беше започнат со излегување од тогашната коалиција“. Таа рече дека партијата продолжува со борбата за зелените вредности кои, како што рече, не се само еколошка борба, туку и борба за демократија, човекови права, еднакви можности за сите и недискриминација, затоа што само во едно демократско општество може да се бориш за животната средина и зачувување на здравјето на граѓаните.
Во изминатиот период, според Поповска, ДОМ успеал да затвори еден цел циклус од иницијатива за формирање на партијата пред 12 и пол години, преку формирање структура, идеолошко профилирање и влез во европските зелени.
На седница на Централниот одбор на ДОМ, на 21-ви овој месец, Маја Морачанин беше едногласно утврдена како кандидат за претседателка на партијата четвртиот конгрес.


