Дваесет и седумгодишниот Ш.И. од село Грчец заработи кривична пријава поради основано сомнение дека извршил три кривични дела „разбојништво“ при што стекнал противправна имотна корист од околу 408.000 денари – соопшти денеска СВР Скопје.
Пријавениот ги извршил кривичните дела во август годинава на подрачјата на Ѓорче Петров, Карпош и Гази Баба, сите во објекти на казино „Сенатор“ и на идентичен начин – на местото на настаните доаѓал со мотоцикл „Кимко“ (без регистарски ознаки), се паркирал пред казината, влегувал и со закана со пиштол од вработените барал пари.
Првото кривично дело Ш.И. го извршил на 03.08. околу 21:45 часот на улицата „Ѓорче Петров“, второто на 11.08. околу 17:00 часот на улицата „Вангел Димов“ во клуб казиното „Сенатор“, а третото на 28.08. околу 10:45 часот на улицата „Народен Фронт“ во клуб казиното „Сенатор“. Во третиот случај, откако ги зел парите од касата, при излегување, со закана со пиштолот и употреба на физичка сила ги удирал играчите во казиното и барал да му ги дадат парите, по што го напуштил објектот.
Врз основа на преземените оперативни мерки и активности се обезбедени материјални докази, а на 6-ти минатиот месец на улицата „Козле“ кај детското игралиште покрај кејот на реката Вардар е пронајден мотоциклот „Кимко“ и е предаден за крим-техничко вештачење.


