Нова незгода со двајца повредени рудари во рудникот Тораница Крива Паланка, повредените веднаш биле хоспитализирани, а увид на местото на настанот извршиле надлежните органи. Пред само два месеца во несреќа во овој рудник загина педесет и петгодишен рудар од кривопаланечко.
Двајца рудари биле повредени вчера околу 14.40 минути во рудникот Тораница кај Крива Паланка, веднаш биле донесени во Здравствениот дом каде им била укажана лекарска помош. Четириесет и едногодишниот В.М. е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза” во Скопје за понатамошно лекување додека кај Н.С. биле констатирани телесни повреди и бил задржан за понатамошно лекување во Кривопаланечката болница. Според информациите, лицата се здобиле со повреди при вршење на ископ во рудникот, каде се одронила руда. Извршен е увид на местото на настанот од страна на полициски службеници, трудов инспектор, државен рударски инспектор и претставници од рудникот.
Маре Анчева од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство вели дека не може да коментира ништо околу најновата незгода во рудникот Тораница затоа што со доаѓањето на новите сопственици како синдикат немале никаков увид во состојбите таму.
Од Државниот рударски инспекторат потврдија дека биле на лице место за увид заедно со другите надлежни институции. Велат дека станувало збор за незгода во која со полесни повреди се здобиле двајца рудари кои во тој момент биле во близина. Информираа дека според нивните последни сознанија едниот од нив веќе бил пуштен на домашно лекување додека вториот кој бил пренесен на клиниката во Скопје имал истегнување меѓу двата пршлени, без скршеници и повреди опасни по живот. Од таму велат дека до незгодата дошло кога се вршело подготовка за минирање и најверојатно во моментот кога било полнењето, рударите се лизнале и паднале во откопот од висина од два метра но за среќа не паднал одрон врз нив. Велат дека после извршениот увид во координација со ЈО Куманово, се анализираат состојбите, а подоцна Обвинителството ако утврди дека има основ, постапката ќе продолжи.
Инаку пред само два месеци во несреќа во Тораница загина педесет и петгодишен рудар од село Мождивњак, кривопаланечко. Од рудникот тогаш се огласија со соопштение дека причина за несреќата била природна катастрофа – одрон на камења во ископната јама на рудникот при што рударот прво се здобил со тешки повреди, а подоцна починал на пат кон Здравствениот дом во Крива Паланка.
Билјана Тошевски


