Апелација со ново барање за планот за реорганизација во Фени индустри – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/18 11:57 AM

Апелација со ново барање за планот за реорганизација во Фени индустри

Апелација од инвеститорот Џисол/Еуроникел во кавадаречкиот комбинат за никел Фени индустри во одлуката во стечајниот процес побара неколку појаснувања во планот за реорганизација, а кои ќе се спроведуваат во најкус рок во фабриката. Според познавачите на состојбите во комбинатот со самото одолговлекување на постапката се добива впечаток како намерно да се одлага да се заврши стечајната постапка која формално уште пред еден месец требаше да го има својот епилог.

Од компанијата пак, излегоа со став дека почитувањето на највисоките меѓународни стандарди се клучните карактеристики на нивните инвестиции и како досега ќе продолжат да ги следат насоките кои ги бара стечајниот процес. Веруваат дека ова ќе биде направено брзо и ефикасно, со цел да се заштити работниот век на фабриката, интересот на вработените и добавувачите за Фени повторно да стане најголемиот извозник во земјата.

Истоа така и од гранковиот синдикат, чекаат формално Фени да излезе од стечај за да се  преговара за колективен договор,договарање на основиците,стартните плати и слично. Според Маре Анчева од Синдикатот, сево ова најмногу оди на штета на вработените и повеќе од јасно е дека некој има намера да го забавува затворањето на стечајот.

„Јас се надевам дека сите технички постапки ќе завршат многу брзо за да може формално да продолжи деловниот процес за да може да си го решат својот статус вработените бидејќи и ако тие досега беа целосно ангажирани сепак тие имаа статус на стечајни работници и добиваа договори секој месец,така да нас ни е во интерес конечно затворање на стаечајната постапка за Фени и решавање на статусот на вработените“, вели Анчева.

Кавадаречки Фени замина во стечај, по лошото раководење и намерно испумпување  речиси на 50 милиони евра од фабриката, од страна на претходното раководство на Кунико ресурси (Cunico Resources) , за што финансиската полиција води и истрага. Компанијата која на работниците им остана должна две плати и к-15, а кои подоцна ги подмири новиот инвеститор Џисол.

 

Билјана Тошевски