Штип напролет треба да ја постави првата гасоводна цевка – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/18 10:54 AM

Штип напролет треба да ја постави првата гасоводна цевка

ММС, 26.10.2018

Веќе е избрана фирма што ја проектира секундарната мрежа на гасоводот, се работи на идејниот, веднаш потоа ќе почне да се работи и на основниот проект, а денеска завршува тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за инфраструктурниот објект за гасификација во градот. Вака денеска градоначалникот на Штип ги иформираше претставниците на бизнис-секторот во општината за текот на гасификацијата, а тие поставија повеќе прашања за проектот и првично најавија колкави би биле нивните потреби.

Бочварски истакна дека до крајот на годинава сигурно ќе биде готов идејниот и ќе започне да се изработува основниот проект, кој бил во истата јавна набавка, а паралелно ќе се работел и инфраструктурниот проект. Ако до крајот на февруари се завршело со техничката документација, веднаш потоа ќе се почнело со гасифицирањето, па напролет ќе можело да се разговара за првата гасоводна цевка.

– Многу е важно и дали Јавното претпријатие на Општина Штип ќе стопанисува и ќе работи со приклучувањето и со изградбата на гасоводот или ќе бараме концесионер. Имајќи ги предвид информациите со кои располагам, според мене најдобро ќе биде да бараме концесионер што ќе ја гасифицира општината и од тоа потоа ќе наплатува за количествата на гас што ќе ги доставува. Доколку, пак, не најдеме концеионер, ние со нашето јавно претпријатие би влегле во инвестицијата – рече Бочварски.

Стопанствениците се интересираа за повеќе поединости, како, на пример, низ кои реони ќе се поставуваат гасоводните цевки, колкави би биле нивните трошоци за приклучување, за можностите трасата да се доближи до некои поголеми капацитети потенцијални големи коисници на гас, како фирмите од кругот на поранешна „Македонка“, Технолошко-нидустриската развојна зона… За ТИРЗ беше истакнато дека до неа ќе има гасоводна цевка, а внатре фирмите ќе треба да си направат своја мрежа.

– Ние и сега користиме гас, но постојано имаме проблеми. Со приклучувањето на долгоочекуваната мрежа, очекуваме тие проблеми да ги снема, што ќе биде големо олеснување за производствениот процес – вели Рахми Каја, сопственик на фирмата „Јагја мезлер“ што работи во кругот на некогашна „Македонка“.

Сите изразија надеж дека од гасификацијата стопанството ќе има голем бенефит, а штипските фирми ќе бидат многу поконкурентни на пазарот, но многу ќе заштеделе и државните и општинските установи, кои исто така треба да бидат приклучени на гасоводот. Беше истакнат примерот со гасификацијата на Куманово, каде што само за една година, на пример, гимназијата ги намалила трошоците за греење, кое претходно било на нафта, од 40 на 20 илјади евра.