Италија ги нарушила правата на познатиот мафијашки бос, Бернардо Провенцано со тоа што бил затворен во многу строг затворски режим, во месеците пред да почине – утврди Европскиот суд за човекови права.
Провенцано почина во затворското крило на болница во Милано пред две години на 83-годишна возраст, откако со години неговото здравје се влошувало. Тој беше уапсен во 2006 година по 43-годишно бегство и беше осуден на доживотен затвор за неколку дела, меѓу кои и за масовно убиство, трговија со дрога и киднапирања.
Провенцано бил ставен во специјален затворски режим, кој имал за цел да ги спречи мафијашки босови да продолжат да организираат криминални дела од затвор. Посетите за овие криминалци биле ограничени, а имало и ограничување во нивните активности и купувањето храна за нив.
Европскиот суд за човекови права соопшти дека со затворските услови не биле нарушени правата на Провенцано и оти тој добивал стручна медицинска нега. Но неговото оставање во строг затворски режим и во месеците пред смртта, кога неговата состојба секој ден се влошувала, претставувало нарушување на неговото право да не стане објект на нехуман и деградирачки однос. Судот одби да пресуди да му се плати отштета на синот на Провенцано, кој ја поднесе тужбата.
Извор: МИА


