Кавадарци и Едеса прават напори да го отворат граничниот премин Пулевац – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/18 7:49 AM

Кавадарци и Едеса прават напори да го отворат граничниот премин Пулевац

Кавадарци и Едеса прават напори да го отворат граничниот премин Пулевац. Отворањето на овој граничен премин би значело намалување на растојанието  меѓу двата града, од сегашните 200 на стотина километри оддалеченост. Целта е развој на туризмот меѓу Македонија и Грција.

Правиме напори ние како две општини Кавадарци и Едеса во рамки на прекуграничната соработка помеѓу нашата земја и соседна Грција, да го отвориме граничниот премин Пулевац на Кожуф Планина. Овие денови како дел од кавадаречките претставници заедно со колеги од Грција, бевме на лице место и ја согледавме состојбата на терен, изјави за Канал77 претседателот на општинскиот совет во Кавадарци, Ристо Сакалиев.

„Целта ни е преку проект финансиран со европски пари, да го отвориме овој премин кој е дамнешна желба на жителите од Тиквешијата. Заради поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји, како и поголема размена на туристи“, нагласи претседателот на Советот.

„Резултатите кои ги имаме од согледувањата на терен од македонска и грчка страна ,со осврт на се она што ќе треба да направат двете земји во наредниот период, ќе ги доставиме до надлежните органи и во двете држави“, вели Сакалиев.

Жителите на Тиквешкиот регион одамна бараат реализација на овој проект кој би значел поголема и подобра комуникација меѓу населението од двете земји .Отворањето на овој граничен премин би значело намалување на патната разделеност  меѓу Кавадарци и Едеса која од сегашните 200 километри, кои граѓаните патуваат преку Гевгелија и Битола  би се сведила на само стотина километри.

 

Билјана Тошевски