Отчет на градоначалничката на Битола по повод една година од стапувањето на фунција – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/18 7:38 AM

Отчет на градоначалничката на Битола по повод една година од стапувањето на фунција

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска денеска со отчет по повод една година од работењето. На прес-конференцијата таа истакна дека во изминатата година се соочиле со многу предизвици кои биле резултат на наталожените проблеми од изминатите години.

„Минатата година, на 31 октомври според книговодствена евиденција, Општина Битола имаше доспеан долг кон добавувачите и обрски по други основи во висина од 204.398.964 денари, или 3.320.000 евра. Но, според извршениот попис од комисија од општината, според потпишаните договори, општината имаше доспеани и преземени обврски од 768.218.028 денари, или 12,5 милиони евра. Истовремено, општината беше и е задолжена со долгорочен кредит од Светска бакна од 155.000.000 денари. Сега имаме доспеани 50.781.413 денари. Знаевме каде влегуваме со мојот тим, за дел од проблемите најдовме решение, но за некои треба време,“ рече Петровска.

Петровска истакна дека општината ја набави комплетната документација за реконструкција на Офицерскиот дом.

„ Го ветивме како приоритет во програмата и на пат сме да го реализираме. Веќе ја имаме цела потребна документација која беше потребна за реконструкција, која претходно ја немаше. Ќе започнеме со реконструкцијата на Офицерски дом, по веќе добиеното одобрение  за адаптација издадено од Министерството за транспорт и врски, како и сите претходни конзерваторски одобренија. Ветивме и ќе го вратиме сјајот на Офицерскиот дом,“ рече Петровска.

Се работи и на гасификацијата на Битола каде во тек е набавувањето на тендерска документација. Овој проект ќе го намали загадувањето на воздухот, вели Петровска.

„Кога сме кај загадувањето, една од мерките е повторно Битолчани да уживаат во благодетите на Пелистер, така што посетителите на НП Пелистер до крајот на годинава ќе бидат ослободени од плаќање на влезници,“ рече таа.

Потенцираше дека Општина Битола во голема мерка го помага и спортот, а за финансирање на спортот издвои над 600.000 евра. Само за северната трибина на стадионот под Тумбе кафе годинава се извојуваат 1.000.000 евра.

Маја Богоевска