Конзервација на крстилницата од Епископската базилика во Стоби (ФОТО) – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/18 2:26 PM

Конзервација на крстилницата од Епископската базилика во Стоби (ФОТО)

Епископскиот комплекс од Стоби доби целосна конзервација и реставрација на крстилницата, еден од позначајните споменици од римската и доцноантичката епоха со грант од Aмбасадорскиот фонд за културна заштита на САД со 89.000 американски долари.


Заштитата и презентацијата на уникатниот споменик од ранохристијанското време  е еден од главните приоритети на Националната установа Стоби, уште во 2013 година кога беше изготвен првиот проект за конзервација на мозаикот во крстилницата.


„Културниот пресек на локалитетот Стоби, претставува силен доказ за културата и културното наследство што го прави еден од најважните локалитети во Македонија и пошироко на Балканот, не оставајќи го современиот човек рамнодушен. Токму затоа Стоби во блиска иднина го гледам како жив град и кога кажувам Стоби мислам на Стоби живиот град. Просторно и урбанистички  планиран со сите неопходни елементи за убав престој“, изјави Спасе Перовски, директор НУ Стоби.


За значењето на овој архелошки локалитет потенцираше и министерот за култура Асаф Адеми, кој истакна дека Стоби е еден од локалитетите кој дава значајни информации за градителите и уметничките достигнувања во минатото.


„По реализацијата на грантот за археолошки истражувaња на Римскиот форум во Стоби (15.000 долари во 2002) и грантот за заштита на феските од старата Епископска базилика 72.600 долари во 2010 година), проектот за конзервацијата на крстилницата во Епископската базилика е трет грант за заштита на културното наследство на овој археолошки локалитет кој го доделува Амбасадорскиот фонд за културна заштита“, истакна министерот за култура Асаф Адеми.


Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли потенцираше дека  со ова ги делат целите идните генерациите да можат да ги уживаат убавините на историјата.


„Убави мозаици и архитектонски елементи  од 19 век сега ќе бидат достапни за другите и се надевам, за новите генерации. Тоа е симбол за македонците и нивната културата. Знам дека луѓето од регионот и од светот ќе го почитуваат тоа“, изјави Џес Бејли.

На изјавата од Бејли се надоврза и премиерот Заев кој истакна дека богатствата и сведоштвата ќе ги остават на идните генерации да се насладуваат во нивното историско значење.

„Денеска сме горди да бидеме на овој настан, кој е како уште еден придонес ја демонстрира нашата определеност, да се грижиме за овие богатства и сведоштва за исклучителното минато на овие простори и секако да им го оставиме на следните генерации да се насладуваат во нивната убавина и историско значење“, изјави премиерот Зоран Заев.

Со амбасадорскиот гранд во висина од 89.000 долари беше овозможено да се изврши целосна конзервација и реставрација на крстилницата од Епископската базилика во текот на 2017 и 2018 година.

Мозаикот од крстилницата е откриен со археолошките ископувања во 1971 година, а веднаш потоа следувале неколку конзерваторско – реставраторски кампањи проследени со изработка на детална техничка и фото – домументација. Активностите на објектот продолжиле и во 80 -тите години, кога била извршена конзервација, реставрација и делумна реконструкција на архитектурата на гардбата (ѕидовите и писцината), по што била поставена и кровна конструкција. Од тогаш, па се до 2017 година на мозаикот од крстилницата биле извршени неколку заштитни интервенции од помал обем, за кои не постои соодветна документација.