Уметници од Бугарија, Србија, Грција и Македонија во Битола ќе творат за Првата светска војна – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/18 1:51 PM

Уметници од Бугарија, Србија, Грција и Македонија во Битола ќе творат за Првата светска војна

Еден месец во Битола ќе творат тројца уметници од Грција, Србија и Бугарија, како и еден уметник од Македонија на темата која ги обединува овие држави – Првата светска војна. Како дел од планираните активности за уметниците ќе бидат организирани посети на различни локации во Битолскиот регион каде што бил стациониран Македонскиот фронт за време на Првата Светска Војна. Уметниците ќе ја посетат патеката за Првата Светска Бојна во Националниот парк Пелистер каде што ќе имаат можност да се инспирираат и да научат повеќе за Првата Светска Војна и нејзините последици во овој регион. Исто така уметниците ќе го посетат и Мариовскиот регион, Планината Ниџе и Врвот Кајмакчалан, кои беа клучни позиции на Македонскиот фронт за време на Првата Светска Војна. Проектот ECHO е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, а како партнер организација се јавува СФЕРА Македонија. Ова е прв проект во Македонија од ваков тип, истакна Милчо Дули од СФЕРА Македонија, проект каде што уметноста е во преден план.

-Во рамките на оваа ликовна колонија ќе творат во различни техники, на иста тема, која е „Темното минато“, а овој регион го има доживеано, рече Дули.

Аристеос Чусис од Атина, Грција е еден од уметниците кои ќе бидат дел од ликовната колонија.

-Мојата главна цел ќе биде да ги согледам сите заеднички разлики меѓу Балканците, но и да се пронајдам себеси, каде нема да правиме разлика меѓу луѓето од каде доаѓаат, затоа што сите ние припаѓаме на слична култура и слични вредности кои ги носиме во Балканот, рече Чусис.

Љубица Солак ја претставува Македонија на оваа ликовна колонија. Таа вели дека да се работи на оваа тема е предизвик.

-Комплицирано е да се работи на вакви проекти на тема историја, темно минато, но е голем предизвик. Ќе биде интересно, ќе се трудиме да бидеме добри домаќини, да откриеме нови локации, да има дружење и идеи и мотиви на што би работеле, рече Солак.

За време на нивниот престој ќе постои простор за сите заинтересирани граѓани да се сретнат со уметниците од колонијата со цел на презентирање на свои предлози и идеи за да им помогнат во креирањето на нивните крајни уметнички дела.

Маја Богоевска