Едно од две деца во Македонија е изложено на некаков вид насилство – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/18 1:07 PM

Едно од две деца во Македонија е изложено на некаков вид насилство

Едно од две деца во Македонија е изложено на некаков вид насилство, а над 30 % од родителите не вода грижа за своите деца, покажува истражувањето на Светската здравствена организација кое денеска го презентираше преставникот на Уницеф во Македонија Бенџамин Перкс. Тој денеска на тетовскиот универзитет одржа предавање на тема – Влијанието на насилството и негативните искуства од детството на просперитетот, безбедноста и долгорочниот развој.

Македонија предничи во регионот со непопуларните мерки за воспитување на децата. Половина од децата во Македонија се воспитувани преку некаков вид насилство а за третина од нив родителите не водат грижа. Пред нас во регионот поголемо насилство врз децата има само во Албанија. Овие податоци ги покажало истражувањето на Светската здравствена организација.

Претставникот на Фондот за деца при Обединетите Нации- УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс кој денеска одржа предавање на Тетовскиот универзитет на тема – Влијанието на насилството и негативните искуства од детството на просперитетот, безбедноста и долгорочниот развој, рече дека најдобра превенција од ваквата појава е запознавање на родителите со последиците од воспитувањето на децата преку насилство.

Деканот на педагошкиот факултет Фесби Османи информираше дека при денешната посета на ДУТ претставникот на УНИЦЕФ за Македонија Бенџамин Перкс се сретнал и со деканите на неколку факултети, институции кои во соработка со УНИЦЕФ ќе спроведуваат проекти за спречување на семејното насилство врз децата и справување со последиците од истото.

Истражувањата покажуваат дека секое дете кое е подложно на насилство има 10 пати поголем ризик да стане алкохоличар, а  два до три пати пати поголеми се ризиците да заболе од срцев удар, рак или да стане пушач.

Зоран Димовски