Продолжува дивата сеча на шумите и покрај засилените контроли на институциите. Во југозападниот дел на Македонија каде што проблемот е најизрезен, запленети се над 1.000 метри кубни дрво, рече денеска директорот на ЈП „Македонски шуми“ Зоран Ѓорѓиев.
Според него, штетата е огромна, но за тоа е надлежно Јавното обвинителство.
-Најмногу дива сеча откриваме во југозападниот дел на Македонија. Таму веќе имаме познати сторители и кривични пријави, истакна Ѓорѓиев, одговорајќи на новинарски прашања.
Директорот информира дека 90 отсто од огревното дрво е веќе дистрибуирано, а за седум до десет дена доставата треба целосно да заврши.

ЈП „Македонски шуми“ денеска потпиша Меморандум за соработна со Министерството за земјоделство и со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, а целта е одржливо менаџирање и управување со шумите, заедничко изготвување законска регулатива, како и организација и координација на користењето шумски производи.
Министерот Љупчо Николовски во оваа прилика рече дека за проширена репродукција на шумите годинава се предвидени 21,5 милиони денари, а издвоени се и 3,2 милиона за пошумување голини и ерозивни подрачја.
– Со ИПА 2019 прв пат ќе се финансира и секторот шумарство, дополни Николовски.
Извор:МИА


