Разрешениот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев најавува тужба за неосновани обвинувања ако не добие извинување, од Мицкоски и Николовски, според кои тој е еден од оние кои како што велат тие, дејствувале спротивно на интереситее на партијата.

Со ваков драматичен чин на незаконски обвинувања ВМРО-ДПМНЕ не се движи во добар правец. Ова е ставот на разрешениот потпретседател на партијата, Митко Јанчев.
Прашан дали очекувал да дојде до ова, тој во изјава за Канал 77 вели дека имало шпекулации, но не сметал дека ќе биде разрешен поради неговите мислења кои се разидуваат со оние на партискиот претседател , Христијан Мицкоски.
Јанчев не ја коментира одлуката која вчера ја донесе Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се’ додека не ја добие во писмена форма.
„Станува збор за индивидуална одлука, односно предлог на претседателот даден до Централен комитет. Не би сакал ВМРО-ДПМНЕ да дојде до криза, нема да дозволам од моја страна. Би се борел да има добро, европско ориентирано раководство во интерес и на државата и на партијата. Јас не го разбрав ова како престанување на членството. Не сум исклучен од партијата, само сум разрешен. Моите прогнози се дека ВМРО-ДПМНЕ треба да има подруг вокабулар, подемократски начин на функционирање, да ги сумира сите резултати и ситуации на терен и да носи правилни одлуки“, изјави актуелниот градоначалник на Кавадарци, Јанчев кој се огласи и на Фејсбук каде најави дека ако неговите сопартијци Христијан Мицкоски и Александар Николовски не му се извинат ќе добијат тужба за клевета.

Неговиот сограѓанин пак, пратеникот Панчо Минов од ГРОМ најави дека излегува од коалицијата до ВМРО -ДПМНЕ и ќе продолжи да делува како самостоен пратеник.
„Прво и јас сум пратеник од Кавадарци, како Јанчев како истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ. Мојата партија ГРОМ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ учествувавше на последните избори и јас добив мандат за пратеник. Имавме одлична соработка и во неговата кандидатура на локалните избори. Кавадарци беше единствена општина која победи со кандидат на оваа коалиција. Во знак на револт одлучив да го прекинам членувањето во оваа коалиција, додека не се променат методите на недемократско делување на актуелниот претседател Мицкоски на пресметување со неистомислениците од типот на разрешување и слично“, објасни Минов во изјава за Канал 77.
Тој додаде дека претседателот на партијата, Јакимовски е информиран односно запознаен со неговата одлука. Најави дека ќе расправа за уставните измени, бидејќи и самиот има предлог во однос на повеќе амандмани.
Меѓу разрешените од партијата е и Никола Тодоров, кој денеска се заблагодари на сопартијците за исклучувањето бидејќи како што нагласува, го спасиле од срамот да биде дел од нивната секташка фракција.


