Во сите општини и нивоа, разликите на мажите и жените остануваат на многу високо ниво покажува Индексот на родовата еднаквост во општините на Република Македонија. Пристапот до основите услуги како што се пристапот до здравствена заштита, пристапот до градинки, домови и згрижување на возрасни лица не постои во сите општини, вели Марија Башевска од „Реактор – Истражување во акција“.
„Исто така Индексот покажува дека нивото на вложување и инвестиции во програмите кои се однесуваат на родовата еднаквост со самите општини, за жал останува на прилично ниско ниво. Иако постојат општини каде што имаат програми и се издвојуваат буџетски средства за промена на улогата на жените во општините сепак тоа повеќе се исклучоци отколку правила“, вели Марија Башевска од „Реактор – Истражување во акција.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потенцираше дека сите политики влијаат на родовата еднаквост, но овој Индекс кој редовно секоја година ќе се спроведува локално во општините ќе биде патоказ за спроведување на политики кои директно ќе влијаат за промена.
„Заложбата за изградба за изградба на детски градинки во Македонија е политика која што директно ќе даде ефект и во вклучување на жените на пазар на труд. Истото истражување ќе видите дека покажува во општини каде што имаме детски градинки вработеноста на жените е седум жени на десет мажи, додека во општини каде што немаме детски градинки вработеноста на жените е четири жени наспроти десет мажи. Ние како министертсво и со европскиот институт и делегација правиме национален родов индекс, кој што исто така скоро ќе се публикува, чекаме одобрение само за методологијата затоа што еднаш ако се утврди еднаш таа методологија ќе треба тековно секоја година да се употребува и таа ќе биде јавно достапна“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Општина Центар и Вевчани се општините кои се наоѓаат на врвот на листата за родова еднаквост, а најдолу на листата се општините Пласница, Студеничани и Арачиново, покажува Индексот во однос на другите оппштини, вели Башевска од Реактор.
„Ние ги рангиравме во три групи, во однос на градинките општина Центар има најголем број на можности и најголем пристап на услуги и најдобра инфраструктура, така излезе и највисоко рангирана. Меѓутоа Вевчани на пример, е општина во која што има добар сооднос на градинки во однос на деца во предшколска возраст, тоа беше еден сегмент кој што навистина ја подигна повисоко во однос на останатите општини“, потенцираше Башевска.
Индексот на родова еднаквост во општините на РМ е дел од проектот за Мобилизирање на родова еднаквост во рамките на УСАИД за „Граѓанско учество на РМ“.


