Полицијата излезе со официјална потврда на настанот во кој учествувал основачот на ,,Телекабел“, Роберт Димитров, во дикотеката ,,Клик“. Во инцидентот со тешки телесни повреди во болница заврши сопственикот на кафулето „Илужн“, Ацо Панов.
Со оглед на констатираните тешки телесни повреди, на инцидентот работи и Основното јавно обвинителство од Штип.
Според соопштението на СВР Штип, настанот се случил во неделата, 21 октомври, во 02:55 часот, кога „Р.Д.(45) држејќи стаклено шише се доближил до масата на која седеле А.П.(34), заедно со М.К.(26),С.С.(22) и Ѓ.Ш.(35), сите од Штип, при што во еден момент Р.Д. неколку пати го удрил А.П. со шишето во пределот на главата, по што му се придружиле С.З.(28),Ф.З.(23) и Ж.К.(38), кои продолжиле со чаши и шишиња да го удираат А.П. по главата и телото.Потоа напаѓачите ја напуштиле дискотеката, а А.П. е пренесен во Клиничката болница во Штип“, соопшти СВР Штип.
Во текот на вчерашниот ден се сослушуваа учесниците и сведоците во инцидентот. Остана непотврдена информацијата дека Роберт Димитров ја напуштил државата и заминал во Грција, каде има свој бизнис.
Повредениот Ацо Панов, во изјава за „Канал 77“ го посочи Димитров како иницијатор на тепачката.
-Седев со друштвото во дискотека „Клик“, кога одеднаш Роберт Димитров без никаква причина ме нападна, земајќи го шишето од масата и ударајќи ме по главата. Оттука му се приклучија од неговото друштво, коишто беа со него, поранешниот затвореник Жарко Коцев, неговото обезбедување и некои негови другари, кои беа таму со него. Ме нападнаа и фрла со чаши, со шишиња, со се’ што имаше по масата, изјави Панов.
На ова претходи инцидент од пред два месеци, во кој биле вмешани Панов и момчето на внуката на Роберт Димитров. Расправијата во кафулето на Панов, продолжила на улица, кога дошло и до физичка пресметка. Панов наводно ја искршил шофершајбната на автомобилот на момчето на внуката која што била во автомобилот и при тоа се здобила и со повреда. На случајот работеа од полицијата и Обинителството.
На Роберт Димитров ова му е трет поголем инцидент во кој тој учествува.
Во 2012 година, Димитров заедно со неговото друштво, го претепа синот на бизнисменот Мите Николов и еден негов другар, кои се здобија со тешки телесни повреди. Две години подоцна, Димитров отслужуваше шестмесечна затворска казна за делото „насилство“.


