Расте бројот на жени кои умираат од карцином на грло на матка – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/18 12:38 PM

Расте бројот на жени кои умираат од карцином на грло на матка

Министерството за здравство треба да оддели само 0,02 проценти од буџетот  за да обезбеди намалување на стапката на смртност кај жените од рак на грлото на матката. Ова во својата најновата анализа го заклучува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.  Оттаму бараат  Министерството во координација со Фондот за здравствено осигурување  да воспостави механизам со кој  сите матични гинеколози би имале обврска да се вклучат во  редовна реализација на Програмата за  скрининг на карцином на грло на матка, кој е смртоносен за се’ повеќе жени во земјава.

За ваквиот тип на скрининг, ресорот здравство секоја година троши во просек 1 % помалку средства од претходната година, но како што вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ намалениот буџет не е единствениот проблем  што го отежнува пристапот на жените до потребните услуги, туку постојат низа други системски пречки.

„Во 34 општини нема матичен гинеколог воопшто. Во 30 општини нема доволен број матични гинеколози. Во Македонија генерално недостасуваат 151 матичен гинеколог. Во програмата за скрининг пак, се вклучено само 65 проценти од  тој број кој сега постои во моментот“, вели Антиќ во изјава за Канал 77.

Тој како проблем го наведува и доцнењето на исплатите кон матичните гинеколози што негативно влијае врз нивната работа и ги одвраќа од давањето ваков тип услуги.

Стапката на смртност од карцином на грлото на матката бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година. Бројот на жени што умираат од карцином на грлото на матката во РМ се зголемува и во 2014 година изнесува 4,1 на 100 000 жени, наспрема 1,5 на 100 000 во 2011 година .

Стапката на смртност од карцином на грлото на матката во земјите од Европската Унија, каде што постои добро скрининг на карцином на грлото на матката, е стабилна и значително пониска отколку во Република Македонија . Оваа состојба, според Здружението,  укажува на неопходноста од зголемување на опфатот на жени со Програмата за скрининг и унапредување на спроведувањето
на Програмата од страна на Министерството за здравство во најкраток можен рок.