Клиничка болница од Штип се раздолжи со вработените кои тужеа – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/18 12:15 PM

Клиничка болница од Штип се раздолжи со вработените кои тужеа

Болницата позајми и им плати над 346.000 евра долг кон вработените, кои со години не добиваа надоместок за дежурства. Станува збор за 460 болничари, медицински сестри и доктори, кои не биле платени  три години за дежурствата за периодот од 2015-2017 година.

Со аванс од Фондот за здравствено осигурување, што сега на рати ќе го враќа, платени се и дополнително над 80.000 евра за извршување. Директорот Ален Ѓеоргијев вели дека парите што ги позајми, сега Фондот за здравствено осигурување ги сопира на неколку рати. При тоа, веќе се минусирани 8 милиони денари од тие што Фондот ги пушта на болницата  за редовно работење. Ѓеоргијев уверува дека ова нема да се одржи на редовното работење на институцијата.

-Ќе го стегнеме ременот, ќе се трудиме и натаму да останаме ликвидни како што сме до сега, бидејќи се’ уште не сме навлегле во должничка криза. Можеби овие месец- два ќе имаме некои доцнења во исплатата, меѓутоа, јас сум оптимист дека ќе успееме да го пребродиме овој економски удар, изјави Ѓеоргијев.

Проблемот со неплатените дежурства се провлекуваше  со години,за да кулминира кога вработените тужеа на суд, по што се натоложија над 450 извршни решенија. Директорот Ѓеоргијев вели дека решението било просто и за претходното раководство, ако имало воља да го реши.

-Јасно е кој не ги исплаќал парите. Во законот јасно си пишува како треба да одат исплатите.  Гледате  колку се’ ова не’ чини. Некој друг, не знам од кои причини, не плаќал.На крај, по сумирањето на бројќите, може ќе побараме одговорност, рече Ѓеоргиев.

Тој  се заблагодари на погоелмиот дел од вработнените, кои по серија преговори, сепак одлучиле да почекаат и не ги активираат извршните решенија, кои, според директорот Ѓеоргијев, сигурно ќе им ја блокирало сметката.

Дежурствата, Клиничката болница во Штип ја чини значаен дел од месечните издатоци, особено со зголемувањата кои ги добија лекарите и средниот персонал. Сепак, повисоките плати не го решаваат проблемот со недостаток на лекари специјалисти, кои акутно, штипската Клиничка болница го решава со позајмици. Во моментов во Штип секоја недела дежураат специјалисти од Клиничкиот центар од Скопје и од Општата болница од Кочани. Во Штип доаѓаат 5 неврохирурзи од Клиниката за неврохирургија од Скопје, кои освен дежурство преземаат и редовни операции, а има договор за еден детски хирург. Од Општата болница од Кочани дежураат по еден  невролог и еден анестезиолог.