Груби убеден дека сите 120 пратеници ќе гласаат за уставните измени – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/18 11:41 AM

Груби убеден дека сите 120 пратеници ќе гласаат за уставните измени

И покрај најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека пратениците од оваа партија и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да расправаат за предлогот за уставните измени во Собранието, пратеникот Артан  Груби од ДУИ е убеден дека тие се за Европската унија и НАТО и дека таквата добра волја ќе ја искажат со гласање за интеграцијата на Македонија во евроатлантските процеси.

Тој денеска ги повика сите 120 пратеници да ги поддржат уставните амандмани, да ги напишат и да ги изгласаат заедно:

„Ние сме изјавиле и претходно дека сите 120 пратеници ветиле дека ќе ја интегрираат земјата во Еу и НАТО, дека ќе го решат спорот со Грција, но и со Бугарија за да го откочат патот до Брисел. Еве им шанса да го реализираат тоа свое ветување . Затоа сме убедени дека сите 120 пратеници ќе рефлектираат позитивно и ќе дадат свој глас за  евроатлантска Република Македонија“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, Христијан Мицкоски вчера во писмо испратено до американскиот помошник државен секретар, Вес Мичел наведе дека Договорот со Грција е штетен за интересите на државата и неприфатлив за партијата на чие чело стои.

Одговорајќи на новинарско прашање, дали очекува за уставните измени да  се обезбеди дво третинско мнозинство во Собранието, Груби потенцираше дека Мицкоски не е пратеник и нема право на глас.

„План Б нема. Има само План А, а тоа е Македонија интегрирана во ЕУ и НАТО. Затоа се фокусираме на план А и успех на амандманската расправа во Собранието. Сметаме дека сите пратениици, не само од ВМРО -ДПМНЕ  ќе се вразумат и ќе видат дека убави денови се дојдени за Македонија“, изјави Груби.

Расправата за предлогот за пристапување кон уставни измени продолжува в петок, откако собранискиот спикер Џафери за денеска закажа друга седница.