Трговија со луѓе: Жените жртви на сексуална, а мажите на трудова експлоатација – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/18 11:25 AM

Трговија со луѓе: Жените жртви на сексуална, а мажите на трудова експлоатација

Секоја земја во светот е под влијание на трговијата со луѓе, без оглед дали е како земја на потекло, транзит или дестинација на жртвите. Трговијата со луѓе се смета за  кривично дело против човештвото.

Најчести жртви на трговијата со луѓе се најсиромашните жители во земјата и најбеспомошните на европското семејство, ова денеска го посочи Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје, на прес конференцијата посветена на Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе.

„Младите луѓе од ниските и средни економски класи се најчесто најранливи и најподложни на влијание, бидејќи имаат силна желба да патуваат во странство, дополнително да се едуцираат или пак да бараат можности за врабтување“, изјави Никола Бертолини.

Со цел да се спречи тргоијата на луѓе, најавени се мерки кои се однесуваат на  измена на кривичниот закон, најави Магдалена Несторовска, државен секретар на МВР и Национален координатор на националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција.

“Една од следните цели на која што сме фокусирани ќе биде измената на кривичниот закон од аспект на инкорпорирање на начелото на неказнување на жртвите на трговијата со луѓе. Следната наша голема задача ќе биде носењето, усвојувањето на законот за обесштетување на жртвите од насилен криминал кај што ќе има и посебен дел кој што ќе се однесува на жртвите на трговија со луѓе“, изјави Магдалена Несторовска.

Идентификацијата на ранливите категории граѓани вклучително и жртвите на трговија со луѓе ќе биде детектирана од страна на пет  мобилни тима во  Скопје, Куманово, Битола, Гевгелија и  Тетово .

„Тимовите во текот на нивната неколку месечна работа постигнаа извонредни резултати. Ја подобрија идентификацијата, имено во текот на 2018 година се идентификувани седум жртви на трговија со луѓе, во споредба со само две идентификувани во текот на 2017 година, за жал најголем дел од овие седум идентификувани се деца до 14 години и сите седум се жени односно девојчиња. Тимовите идентификуваа 76 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 172 ранливи лица кои што се упатени на добивање соодветна помош и поддршка до останатите релевантни институции во државата, а со тоа всушност се превенира истите да станат жртви на трговијата со луѓе“, изјави Јована Тренчевска, државен секретар при Министерството за труд и социјална политика.

Она на што треба конкретно да се работи е превенцијата, преку адресирање на сиромаштијата, маргинализираноста и неинформираноста на луѓето.

„Кога станува збор за жртви на трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација, доминираат жените жртви на трговија со луѓе. Жртви на трговија со луѓе при присилна работа односно трудова експлоатација доминираат мажите. Ова воопшто не значи дека жените не се предмет на трговија со луѓе со цел присилна работа. Кога станува збор за децата тие се особено ранливи на следните форми на трговија со луѓе:  трговија со луѓе која е поврзана со питачење, потоа во комерцијално сексуалниот сектор како и во делот на присилните бракови“, потенцираше Соња Божиновска Петрушевска раководител на канцеларијата на Меѓународната организација за мигарции – ИОМ, Скопје.

Податоците на база на жртвите на трговија со луѓе, покажуваат дека просечната возраст е околу 30 –на години, додека кај децата е некаде околу 11 години и доминира возраста на 13 години.

„Кампањата за подигање на свеста на ранливите зедници за опасностите поврзани со трговија со луѓе“ е дел од проектот „Зајакнуавње на националните капацитети во областа на азилот, миграциите и трговијата со луѓе. Симболично денеска беше одржана прес конференција во знак на одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе.