Вечерва започнува 37. Скопски џез фестивал – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/18 6:47 AM

Вечерва започнува 37. Скопски џез фестивал

Со настапот на британскиот џез-пијанист Александер Хокинс, кој за овој концерт доаѓа специјално  од од Лондон, во Македонската опера и балет вечер ќе почне 37. Скопски џез фестивал. До недела, 21 октомври, на програмата се четири концерти во терминот од 20 часот во МОБ и три полноќни во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.

Џез-пијанистот Хокинс, кој се смета за еден од најиновативните и најимагинативните британски пијанисти и композитори, покрај солистички настапи има и широк спектар креативни контексти, вклучувајќи го и компонирањето за неговиот квартет и ансамбл, како и во проекти на современи музички лидери. Неговите концертни ангажмани му донесоа настапи на големите клупски, концертни и фестивалски сцени низ светот.

На првата фестивалска вечер од 22 часот ќе настапи и славниот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет, кој заедно со раперот и поет Сол Вилијамс ќе го претстави проектот „Blues for Memo“. Со овој концерт Мареј ќе ја почне својата европска турнеја.

– Кога зборуваме за Дејвид Мареј, несомнено мора да го имаме предвид неговото долго музичко патешествие: речиси и не постои музичар кој со толку страст и посветеност ги има проучувано поврзаноста меѓу авангардата и традицијата и во тој процес стекнал уметнички профил што го прави единствен меѓу саксофонистите од неговата генерација, наведува Скопје џез-фестивал.

На полноќниот концерт во МКЦ ќе настапат бразилскиот гитарист Арто Линдзи, кој ќе пристигне од Рио, каде што живее кога не е во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.

Скопски џез-фестивал најави ексклузивна, уникатна и храбра програмска ориентација за претстојното издание. Годинава ќе доминира современиот џез, а музичарите што ќе учествуваат  специјално ќе дојдат за фестивалот и нивните концерти, освен на Дејвид Мареј, не се дел од турнеи. Тоа се главните одлики по кои годинашниот, 37-ми фестивал, се разликува од минатите изданија.