И денеска маратонско судење за ланскиот насилен упад во Собранието. Вратите на скопскиот Кривичен суд повторно беа затворени за новинарите, па за јавноста е непознат исказот на загрозениот сведок кој денеска сведочеше околу пет часа.
Според судијката, Добрила Кацарска оваа одлука била донесена поради безбедносни причини, со цел да не се открие идентитетот на сведокот. Адвокатите на обвинетите вчера го напуштија рочиштето откако Кацарска ги казни со по илјада евра, најавувајќи дека обвинетите ќе добијат адвокати по службена должност. Таа појасни дека адвокатите го нарушувале мирот со тоа што реагирале дека немаат технички услови за работа во судницата.
Сепак на денешното рочиште присуствуваа и адвокатите на обвинетите и новоназначените по службена должност. Адвокатот Еленко Миланов кој брани дел од обвинетите нагласи дека не добиле решение од судот со кое им се одзема правото да бидат бранители.
„Судењето продолжи без судот да се произнесе во однос на вчерашните настани во судницата. Решенија немаме добиено, процесното решение со кое ни е одземено правото да бидеме бранители не е отповикано, така што искрено имаме „статус кво“ ситуација која не ми е јасна. Одредбата од член 361 став 3 од ЗКП е јасна дека доколку судот го одземе правото некој да биде бранител во постапката, го задолжува обвинетиот дали ќе обезбеди друг бранител или не. Овде судењето е продолжено со присуство на истите бранители, без никаква назнака и никакво признесување во тој дел. Самата одредба со тоа што обвинетиот се повикува да каже дали ќе назначи нов бранител, значи дека не може да биде одземено само за конкретна расправа или конкретен претрес“, појасни Миланов.
Во однос на судењето за случајот за 27 април денеска реагираше и Адвокатската комора на Македонија која апелираше да се обезбедат потребните услови за нормално одвивање на судскиот процес, а се’ со цел за непречено и фер судење.