Собраниската расправа за владиниот Предлог за пристапување кон уставни измени продолжува без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Опозицијата соопшти дека оваа одлука била донесена на заедничка координација, откако пратеничката група заклучила дека е кажано се ‘ и дека нема потреба од натамошна дебата во однос на предложените уставни измени и Договорот од Преспа.
ВМРО-ДПМНЕ посочува и дека тие нема да гласаат за пристапување кон измени на Уставот.
Инаку, за уставните измени согласно Договорот со Грција во Собранието се расправа веќе три дена на пленарна седница.
Пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов денеска од собраниската говорница побара да се услови прифаќање на името Северна Македонија по нашето зачленување во ЕУ и НАТО.
„Определбата на ЕУ и НАТО е неспорна, проблемот е во тоа што интеграцијата во ЕУ и НАТО се условува со промена на нашето уставно име и тоа ерга омнес. Во изнаоѓањето на решенијата на овој голем проблем лично сметам дека треба да пристапиме кон изнаоѓање на решение кое ќе значи оваа условеност наметната од грчката страна да се задоволи, а во исто време сообразно да се однесуваме со нашето одлучување како пратеници во Парламентот, согласно изразената волја на граѓаните на референдумот. Тоа претпоставува, ако е условено нашето евроатланско интегриорање во ЕУ и НАТО со промена на уставното име од грчка страна, ние да условиме прифаќање на промена на уставното име во Република Северна Македонија да се применува по нашето зачленување во НАТО и во ЕУ“, истакна Минов.
По ова следуваше реплика од министерот за надворешни работи, Никола Димитров:
„Ни лидери, ни свети лидери не ми требаат да застанам зад интересите на државата“.
Оваа собраниска расправа беше причина група граѓани повторно да протестираат пред Собранието. Со став дека името на државата не треба да с еменува, тие побараа од пратениците да не гласаат за измените на Уставот.