Наредбата на Кировски и цензурата на новинарите од Телма предмет на остри реакции кај медиумската фела – ММС
ММС

Објавено на: 10/17/18 2:02 PM

Наредбата на Кировски и цензурата на новинарите од Телма предмет на остри реакции кај медиумската фела

Не стивнуваат реакциите од новинарите и медиумските работници воопшто, откако одговорниот уредник на телевизија Телма, Атанас Кировски преку огласната табла на медиумот забрани новинарите вработени во таа редакција да не изразуваат мислења и ставови на своите профили на социјалните мрежи.

Синдикатот на новинари и медиумски работници денеска јавно побара Кировски да ја повлече таквата наредба, бидејќи како што сметаат од Синдикатот, содржината на истата е навредувачка и понижувачка за новинарите.

Според Синдикатот,  ваквата забрана од менаџментот на Телма е самоволие кое ја попречува слободата на мислење и говор и со истата се покажува елементарно непочитување на прашањето за општествена одговорност.

Осуда за овој случај пристигна и од Македонската асоцијација на новинари, која наведува дека вработените во Телма не се сопственост на телевизијата. Од Асоцијацијата наведуваат дека профилите на социјалните мрежи се лични профили на вработените, нивен личен медиум, а не сопственост на „Телма“ или кое било друго правно лице или невладина организација.

Во меѓувреме се огласи и Здружението на новинари кое вели дека во светот има практики каде новинарите се повикуваат да се воздржат да коментираат за политичките процеси на социјалните мрежи со цел да се сочува угледот на медиумот и тоа претежно се применува во јавните радиодифузни сервиси.

Сепак, ЗНМ нагласува дека таквото ограничување е предвидено во внатрешните етички кодекси на медиумот, кои се јавно објавени и каде јасно се прецизира за кои новинари се однесува и во кои ситуации можат да се применат ограничувањата.

Уредникот Кировски пак, самиот ја прокоментира оваа одлука на Фејсбук каде напиша дека новинарите не смеаат на јавноста да и’ ги соопштуваат своите перцепции за политичките феномени. Тој реагира дека луѓе кои како што вели тој немаат допирна точка со бизнис го прозиваат, но нема намера по ничии ѕидови да одговара како се води редакција.