Реакција на радиодифузерите – членки на АПЕММ – ММС
ММС

Објавено на: 10/17/18 12:41 PM

Реакција на радиодифузерите – членки на АПЕММ

Оваа реакција се однесува на Упатство за исполнување на обврските за ИМПРЕСУМ и информации достапни за корисниците од 09.10.2018 год. донесено од Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ),  Зоран Трајчевски.

Ова Упатство се донесува четири години по усвојувањето на Законот за медиуми од 29.08.2014 година и врз основа на истиот документ, веќе се изречени опомени на Радиодифузери за непочитувањето на Законот за медиуми и горенаведеното упатство.

За нас Радиодифузерите се поставува прашањето зошто Агенцијата донесува Регулаторно упатство, после четири години и уште поголем апсурд е што ова упатство и член 14 од Законот во пракса се неприменливи. Имено, Упатството налага радиодифузерите по секој новинарски прилог, кратки вести, каква било новинарска објавена содржина, програмски појас или емисија, да мора да емитуваат податоци за главен и одговорен уредник, технички реализатор, спикер на вести, одговорно лице за чување во архива, продукциска куќа и уште многу други податоци, со што ќе ја загрозат севкупната динамика на програмата.

За жал, во време на динамични медиуми и на дигитално време, кога сите податоци за продукција, авторски права и сл., се објавуваат на официјалните веб страни, Агенцијата за медиуми не’ враќа во 1992 година по примерот на државната Радио и Телевизија во тоа време. АВМУ бара да ги објавуваме овие информации скоро на секој час како да е некое минато време и да го отежнеме следењето на нашите програми со бирократски податоци, за кое што публиката и не мора да биде засегната. Никаде во регионот и светот не постои вакво оптоварување на програмата, па дури и со официјално АВИЗО, (почеток и крај на програмата), кој што исто така сме принудени да го правиме.

Се поставува прашањето дали ова е Регулаторно тело или обична бирократска Агенција, која не ги следи тековните програмски и технолошки иновации и не реагирала на време да се отстрани оваа небулоза од Законите и после четири години си наоѓа работа? Или намерата е да не’ казнува, бидејќи не се сменети казните во Законот за медиуми и овој прекршок чини 5.000,00 евра, а доколку се спогодиме вонсудски е со 50% попуст, односно 2.500,00 евра.

Поради тоа, бараме од Владата на РМ и надлежното Министерство, да помогне во овој случај и да ги укине небулозните одредби од Законот, поточно член 14, со што ова Упатство ќе биде ставено вон сила. Или да го замени со друг начин на транпарентност на продукциските права и авторските права на издавач на медиуми и радиодифузни организации, користејќи ги официјалните веб страни на медиумите.