Царовска: Поголема поддршка за сиромашните, но и интегрирање на пазарот на труд за справување со сиромаштијата – ММС
ММС

Објавено на: 10/17/18 12:06 PM

Царовска: Поголема поддршка за сиромашните, но и интегрирање на пазарот на труд за справување со сиромаштијата

Реформите што се прават во социјалната сфера за намалување и искоренување на сиромаштијата треба да бидат темелни и одржливи, направени согласно барањата и потребите на сиромашните или лицата во ризик од сиромаштија. Тие треба да добиваат повеќе средства за помош и поддршка, но и да се интегрираат во општеството и пазарот на труд. Само така ќе се овозможи тие да излезат од состојбата во која се нашле.

Ова се дел од ставовите на учесниците на Конференција за сиромашни и социјално исклучени лица, што се одржува по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата.

– Ние бевме сведоци дека 11 години сиромашните и социјално исклучените беа злоупотребувани од различни причини и дека не се носеа политики кои ќе ја променат состојбата во државата, туку имавме зголемување на помошта од два, три, пет отсто што не даваше ефект во намалување на сиромаштијата. Затоа работевме на двата клучни закони – за социјална и за детска заштита. Реформата беше презентирана и зависно од политичката состојба ќе биде пуштена во процедура, за во најоптимален рок преку центрите за социјална работа да се имплементира наредбата година, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа потсети дека се воведува гарантиран приход за секое семејство или поединец што живее во сиромаштија, кој ќе биде трипати поголем од тоа што го добиваат сега, но како што рече, со цел да биде активирано, а не заборавено.

– Тоа не треба да се заборави како кога му давате трошки. Вложуваме средства од даноци што сите ги плаќаме, но ако ги трансферираме кон семејството тоа треба да се вклучи на пазарот на труд преку прекфалификација, доквалификација и директно посредување до вработување, рече Царовска.

Обрска за тоа ќе имаат центрите за социјална работа кои ќе бидат клучната алка за врска со пазарот на труд, затоа што, како што рече, има работни места, но, слабо квалификувана раб сила

Рече дека битен дел во справувањето со сиромаштијата има и обезбедување на социјални услуги на локално ниво.

– Бизнис секторот и граѓанските организации можеа да нудат услуги, но ако најдат од некаде средства. Државата не се грижеше да создаде на пример палијативна грижа за стари лица во домашни услови, за асистенција на лица со попреченост, услуги за самохраните мајки… се се тоа специјализирани микро услуги кои секаде ги нудат парнери најчесто граѓански организации, рече министерката Царовска.

Тоа би значело дека за секој социјален проблем што ќе го лоцира општината да аплицира за средства до МТСП заедно партнер од локално ниво. Плаќањето за таквите услуги, појасни, ќе се прави врз основа на изготвена методологина на чинење на услуги.

Билјана Дуковска од Платформа против сиромаштија истакна дека е неоходно да се градат активни партнерства со лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост и да се почитуваме нивните барања и потреби кога се креираат политики што се однесуваат на нив.

– Идејата е да не ги коментираме законите по усвојувањето, туку уште додека се работат да се интервенира со барања и забелешки согласно потребите што ги имаат граѓаните и нашите искуства, рече таа.

Дуковска потенцира дека бројката на сиромашни не е променета во однос на минатата година и оти во земјава  21,9 отсто од граѓаните се сиромашни или во ризик од сиромаштија, согласно податоците на Заводот за статистика. Тоа, според Дуковска, значи дека околу половина милион луѓе живеат во сиромаштија.

Таа смета дека покрај реформите што се преземаат треба некој да некој ги следи како се спроведуваат, како и да се грижи дали лицата напредуваат или излегуваат од состојбата во која се наоѓаат.

Извор;МИА