Владата сака уставните амандмани да ги дефинира заедно со опозицијата заради национален консензус – ММС
ММС

Објавено на: 10/17/18 11:57 AM

Владата сака уставните амандмани да ги дефинира заедно со опозицијата заради национален консензус

Владата ќе пристапи на изработка на уставните амандмани дури откако ќе заврши работата во Собранието со изгласување на потребата за нивно изготвување и најдобро е тие да се подготват заедно со опозицијата, односно да се постигне национален консензус. Ова го изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција посветена на одлуките од 95. седница на Владата.

–  Премиерот Заев е трет ден во Собранието. Сите пораки се кристално и јасно искажани од собраниската говорница. Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи, како што вели и премиерот, пресериозна е работата. Амандманите ќе ги прави Владата и најдобро е да се подготват заедно со опозицијата, односно да се постигне национален консензус во духот на Договорот од Преспа, рече Бошњаковски на новинарско прашање за ставот на Владата во однос на писмото од помошник-државниот секретар на САД за Европа и Азија, Вес Мичел, до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дали е можна средба Заев – Мицкоски.

Во врска со начинот на кој ќе бидат формулирани амандманите и што се ќе содржат, ќе биде познато штом ќе заврши гласањето во Собранието, рече Бошњаковски посочувајќи дека не сака да шпекулира за нивната содржина.

За писмото од Мичел до Мицкоски, владиниот портпарол рече дека тоа е само по себе јасно и нема што да додаде.

Извор:МИА