Актуелни теми од различни области на правото ќе бидат во фокусот на седумдесет и деветтата средба на Здружението на правници, која ќе се одржува од утре до сабота во Охрид. Оваа средба се совпаѓа и со педесеттиот роденден на Здружението, кое најавува дека утре ќе се дискутира на теми од областа на управното право, парничната постапка, инспекцискиот надзор и административните службеници.
Првиот ден од средбата ќе помине и во знакот на две тркалезни маси кои ќе бидат од областа на трговското право и уписот во Централниот регистар и тркалезна маса на која ќе се обработува тема од заштита на личните податоци.
На вториот ден ќе бидат елаборирани актуелни теми во врска со казненото право, реформите во јавното обвинителство, стечајната постапка и судската практика.
Последниот ден од средбата ќе биде традиционално посветен на актуелни прашања од областа на работните односи.
Здружението се потруди да обезбеди репрезентативен состав на панелисти од различни профили на правничката фела, коишто ќе ги елаборираат и ќе ги објаснат дилемите со кои се соочуваат правниците во своето секојдневно работење – велат правниците.