Охридскиот градоначалник, Јован Стојаноски читал говори кои претходно веќе биле јавно читани. Порталот Охрид1 пренесе дека никој од десетината вработени портпароли во неговиот кабинет сепак нема да сноси одговорност.
Редакцијата на порталот испратила прашање до кабинетот дали некој е казнет и ќе сноси одговорност за крадењето туѓи говори, но оттаму одговориле дека никој не е казнет.
Првиот „украден“ говор, Стојаноски го прочитал лани на 8 декември, а последен пат тоа се случи за празникот 11 октомври, кога неговиот говор беше идентичен со оној на неговиот претходник Никола Бакрачески.
Одделението за односи со јавност и протоколот во општина Охрид вработуваат повеќе од 10 лица, за кои по груба пресметка месечно од буџетот (т.е. од џебот на граѓаните) се трошат над 7.000 евра за нивние плати.