Иако беше најавено дека ќе има намалување, цените за реактивираното зонско паркирање остануваат исти. Паркирањето чини 25 денари од час за централното градско подрачје и 10 денари од час за периферијата.
Општина Гостивар пред седум месеци одлучи да го укине зонското паркирање, кое го воведе минатата локална власт со која управуваше Невзат Бејта.
Актуелното општинско раководство рече дека со зонското во градот добива само фирмата концесионер која управува со овој начин на паркирање, а општината ги собира само трошките. Затоа како што рекоа, одлучиле да го раскинат договорот а во септември беше потпишан нов договор за јавно-приватно партнерство со друга компанија.
Плаќањето на зонското ќе се врши со СМС пораки, билети кои ќе се продаваат на одредени места или со месечни паркинг карти.
Од Јавното претпријатие за паркинзи и зеленило, велат дека со реактивирањето на зонското ќе се воведе ред во сообраќајот, кој изминативе седум месеци беше во тотален хаос, каде гостиварци се паркираа каде ќе стигнат, узурпирајќи го јавниот простор.