Несекојдневни олдтајмери и моторцикли од кои дел за првпат ќе бидат видени во Македонија денеска ќе бидат изложени на плацот кај авиончето во скопската населба Аеродром.
На настанот „Skopje Classic Day“ се очекува да бидат изложeни 50-тина луксузни олдтајмери и 20-тина моторцикли, а меѓу нив ќе има и 10-тина автомобили донесени од соседните држави. Возилата ќе бидат постари од 35 години што е услов за да се класифицираат како олдтајмери.
Организаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои неодамна во Скопје го организираа по третпат „Distinguished Gentleman’s Ride“, најавија поразлична изложба од досега организираните во Македонија.
– Ќе има индивидуално претставување на секое возило и ќе се обидеме да ангажираме девојки кои ќе имаат соодветен аутфит со периодот од кој потекнува возилото со цел да се добие целосен впечаток за тој временски период. Селектираме автомобили и моторцикли бидејќи идејата не е да одиме на квантитет, туку на квалитет, велат Стефановски и Петровски.
Замислено е да има динамична и статична презентација на возилата со кратка приказна за возилото, а планирано е да се додели и награда за најдобра целосна презентација.
– Секој има приказна врзана за своето возило – како го нашол, колку време му било потребно да го рестарвира возилото, вели Петровски.
Слични вакви изложби има организирано во соседните држави.