Папата Франциско расчини двајца бискупи поради скандал за сексуално злоупотребување – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/18 3:01 PM

Папата Франциско расчини двајца бискупи поради скандал за сексуално злоупотребување

Расчинети се двајца чилеански бискупи кои биле вмешани во скандалот со сексуално злоставување, соопшти денеска Ватикан. Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско ги расчинети надбискупот Франциско Хозе Кокс Хунеус од Ла Серена и надбискупот Марко Антонио Орденес Фернандез од Икике, пренесува Ројтерс.

Одлуката на папата е конечна и не може да биде обжалена, стои во изјавата на шпански од страна на Ватикан.

„Отпуштање од свештеничката служба“ значи дека веќе не можат да бидат свештеници, и е најстрога казна што Црквата може да ја примени на член од свештенството.

Минатиот месец, папата Франциско од свештеничката служба го отпушти отецот Фернандо Карадима, 88-годишен чилеански свештеник кој долги години сексуално злоставувал тинејџери, а сега е во центарот на поширок сексуален скандал кој сѐ уште се истражува.