Адеми: Новите генерации треба да се едуцираат да живеат заедно во едно општество и во една заедница – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/18 11:30 AM

Адеми: Новите генерации треба да се едуцираат да живеат заедно во едно општество и во една заедница

Сите нови генерации на ученици треба да се едуцираат да живеат заедно во едно општество и во една заедница со оние кои се различни од себе, бидејќи тоа е доблест, предност и основ за севкупниот просперитет, а не е нешто непожелно и ризик за конфликт, порача  министерот за образование и наука Арбер Адеми на манифестацијата „Заедно градиме мостови“ што денеска се реализира во Школка во Градски парк во Скопје во соработка со ОБСЕ.

Тој посочи дека Министерството го поддржува и директно  учествува во реализацијата на проектот „Заедно градиме мостови“, кој, како што рече, е еден од најуспешно имплементираните во областа на образованието  и нагласи дека бенефитите од неговото спроведување веќе се чувствуваат во целата земја.

– Главниот фокус во проектот се учениците од основните и средните училишта, нивните  наставници и раководства кои организират разни активности преку кои најмладите се запознаваат со најосновните човечки, етички и морални вредности за толеранција и почит кон различностите и за почитување на културните и верските традиции на другите и традицијата на етничките заедници, изјави Адеми.

Најави дека очекува проектот да продолжи да се гради и во периодот што следи.

Клеменс Која, шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, посочи дека на денешниот настан во Скопје се присутни ученици од 27 училишта од земјава.

– Задоволство ни е да го поддржиме овој проект затоа што сме убедени дека обединувањето на ученици од различни заедници е особено важно. Затоа со Министерството за образование и наука и со Министерството за труд и социјална политика соработуваме на овој проект кој е поддржан од грантови од различни земји, рече Која.